ОДБОЈКА – ТУРНИР „БРАНКО ХАЏИИЉОСКИ-ЧАЈКА“

Македонија загуби од Швајцарија, денеска се среќава со Бугарија

Одбојкарската репрезентација на Македонија загуби со 1-3 (25-23, 15-25, 24-26, 23-25) од Швајцарија на отворањето на 49. традиционален меѓународен меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, во СЦ „Борис Трајковски“, во Скопје. Македонија и Швајцарија одиграа мошне динамичен и неизвесен меч полн со пресврти, во кој одлучуваа нијанси. Во третиот сет македонските одбојкари водеа со 24-22, не искористија две сет-топки, а противникот со серија од 4-0 славеше со 26-24.
Капитенот Никола Ѓоргиев беше најефикасен во црвено-жолтите редови со 16 поени, Александар Љафтов постигна 15, Стојан Илиев реализира 10, Филип Савовски пет, а Филип Маџунков четири. Македонија вчера имаше слободен ден на турнирот, а денеска ќе игра со Бугарија (19 часот, пренос на МТВ). Во вториот натпревар на турнирот вчера се соочија селекциите на Бугарија и на Швајцарија. Овој турнир е дел од подготовките на Македонија за квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година, во кои ќе игра со Грција на 13 август на гости и со Грузија четири дена подоцна на свој терен. На ЕП 2026 ќе играат победниците на седумте квалификациски групи и пет најдобри меѓу второпласираните. Г.И.


ФУДБАЛ

Денеска треба да бидат познати кандидатите за „златната топка“

Номинираните за наградата „златна топка“ треба да бидат објавени денеска, а доделувањето на признанијата е предвидено за 22 септември, во Париз (Франција), објавија светски медиуми.
Покрај номинациите за „златната топка“ за најдобар фудбалер и за најдобра фудбалерка, ќе бидат објавени и листите со кандидати и кандидатки за признанијата „копа“ (најдобри млади до 21 година), „јашин“ (најдобри голмани), „Герд Милер“ (најдобри стрелци), „Јохан Кројф“ (најдобри тренери), потоа награди за клубови на годината и признанието „сократес“ (за хуманитарни или солидарни акции).
„Златната топка“, во организација на францускиот магазин „Франс фудбал“, се доделува од 1956 година, а од неодамна во соработка и со Европската фудбалска унија (УЕФА). Лани за најдобри фудбалери беа прогласени шпанските репрезентативци Аитана Бонмати од Барселона и Родри од Манчестер сити. Н.М.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – ВО ПРЕСРЕТ НА ЗОИ 2026
Репрезентациите се враќаат на снежните патеки за летен тренинг

Врвните алпски скијачи во светот веќе се вратија во својот елемент, на снег. Од класичните европски глечери до домашните планини на Алис Робинсон на јужната хемисфера, репрезентациите продолжуваат со тренинзите, со фокус, енергија и со заедничка цел, поставување на темелите за сезоната 2025/2026 во Светскиот куп (СК) и со Зимските олимписки игри (ЗОИ) на повидок, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). ЗОИ 2026 ќе се одржат во Милано и во Кортина д`Ампецо (Италија).
Францускиот глечер Ле де Алп има постојан прилив на елитни тркачи, желни да го почнат својот летен тренинг, Цермат останува камен-темелник на швајцарските летни подготовки, на јужната хемисфера, пак, Алис Робинсон ужива во својата домашна зима во Нов Зеланд, појужно, британски скијачи ги почнаа своите тренинзи во Ушуаја (Аргентина), се очекува во наредните недели други репрезентации да патуваат на југ, барајќи и пониски температури и свеж снег додека летото се загрева во Европа, пишува ФИС. Н.М.


ИОК

Спортисти тренираат за нова улога зад микрофонот на ЗОИ 2026

Вкупно 27 олимпијци и параолимпијци неодамна добија професионална обука во студијата ИМГ во Лондон, со можност да им се приклучат на Олимписките радиодифузни услуги (ОБС) како коментатори на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано во Кортина в година, информира Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Програмата од светска класа за обука за олимписки коментатори од ОБС им дава можност на членовите на заедницата „Атлет365“ да коментираат на ЗОИ 2026. По конкурентен процес на аплицирање, избрани олимпијци, параолимпијци и елитни спортисти присуствуваа на онлајн семинар, а потоа 27 беа поканети на тренинг во живо во Лондон, каде што учествуваа во работилници, а потоа и во индивидуални тренинзи со експертски коментатори на ОБС, кои потоа дадоа детални повратни информации, пишува ИОК. Десет олимпијци и еден елитен спортист ќе бидат избрани за ЗОИ 2026, а дополнителни две коментаторски улоги ќе има на Зимските параолимписки игри, информира Интернационалниот олимписки комитет. Н.М.