Фото: „Нова Македонија“

КОШАРКА – НБА

Шарлот без пораз ја освои првата титула во Летната лига

Кон Кнупел, четвртиот избор на годинашниот драфт во кошаркарската НБА-лига, постигна 21 поен во победата на Шарлот на дуелот со Сакраменто со 83-78 за прва титула за Шарлот во Летната лига на НБА во Лас Вегас, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Рајан Калкбренер додаде 15 поени, а тројца други кошаркари постигнаа по 11 поени за Шарлот, кој го заокружи своето учество во Летната лига со шест победи на шесте меча. За Сакраменто тоа е прв пораз во финале, откако беше победник на ова натпреварување во 2014 и во 2021 година. Н.М.


ВАТЕРПОЛО

Мечот за светската титула ќе биде реприза на претходно мундијалско финале

Репрезентацијата на Шпанија се пласира во финалето на Светското првенство (СП) во ватерполо, кое се игра во Сингапур, откако во полуфиналето ја победи селекцијата на Грција со 11-9 по изведувањето пенали. Актуелниот европскиот првак осми пат е во финалето на СП, а ќе игра за својата четврта светска титула (претходно планетарен шампион беше во 1998, 2001 и во 2022 година). Вчера доцна попладне се играше и вториот полуфинален дуел, меѓу актуелниот олимписки шампион Србија и Унгарија.
Натпреварот за златниот медал на годинашното Светско првенство на програмата е утре и ќе биде реприза на претходно мундијалско финале, или на тоа од пред 16 години кога играа Шпанија и Србија или на тоа од СП 1998, кога се сретнаа Шпанија и Унгарија.
Во мечевите за пласман на годинашниот Мундијал во ватерполо, Јапонија ја победи Романија со 20-19 по изведувањето пенали и се пласира на деветтото место, а Канада славеше на натпреварот со Бразил со 16-11 и ја освои 11-та позиција. Во средбата за петтото место Црна Гора ќе се сретне со победникот на вчерашниот натпревар САД – Хрватска, а во дуелот за седмата позиција ќе играат Италија и поразениот на мечот САД – Хрватска. Н.М.


ШАХ – СВЕТСКИ КУП

Следуваат полуфиналето и разврската за пласман на Турнирот на кандидатки

Во полуфиналето на Светскиот куп за шахистки што се одржува во Грузија ќе играат Леи Тинџие (Кина) – Хампи Конеру (Индија) и Тан Жонгји (Кина) – Дивја Дешмук (Индија), пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
На Светскиот куп настапија 107 шахистки од 46 федерации, вклучувајќи 17 од моментално најдобрите дваесет, пишува ФИДЕ. Се играше според нокаут-систем. Секое коло се состои од класични мечеви (90 минути, плус зголемување од 30 секунди по секој потег, плус зголемување од 30 минути по 40-от потег) во првите два дена, плус тајбрејк-дуели во забрзан и во брз шах во третиот ден, доколку е потребно.
Полуфиналето почна вчера, по што ќе следуваат финалето и натпреварот за третото место, со што ќе бидат одредени трите шахистки што ќе се квалификуваат за престижниот Турнир на кандидатки за предизвикувачка на светската првенка Ју Венјун од Кина, кои ќе им се придружат на Александра Горјачкина и на Жу Џинер, кои веќе ги обезбедија своите места преку гранпри-турнирот на ФИДЕ за шахистки, пишува ФИДЕ. Н.М.


Светската атлетика за време на СП во Токио ќе прави студија за аклиматизација на топлина и за исхрана

Одделот на Светската атлетика (СА) за здравје и наука ангажира атлетичари што ќе се натпреваруваат на Светското првенство во атлетика во Токио годинава за да учествуваат во студија фокусирана на аклиматизација на топлина и стратегии за хидратација и исхрана, а целта е да се разберат знаењето, подготовката и нутритивните навики на елитните тркачи на издржливост на денот на трката, пишува Светската атлетика.
Студијата е отворена за атлетичари и атлетичарки што ќе се натпреваруваат во маратонските трки и во трките во брзо одење на 20 и на 35 километри.
Ова истражување има цел да го унапреди научното разбирање на физиолошка толеранција на топлотен стрес, ефикасноста на различни стратегии за аклиматизација на топлина, моделите на хидратација и дехидрација и односот на овие фактори врз перформансите, за да се идентификуваат најефикасните стратегии за заштита на здравјето на спортистите, пишува СА. Н.М.