ГОЛЕМА ШАХОВСКА ТУРНЕЈА
Карлсен го освои турнирот во Загреб
Магнус Карлсен победи на турнирот во Загреб (Хрватска) додавајќи уште една титула во својата веќе импресивна колекција во Големата шаховска турнеја, откако светскиот шахист број 1 сега има освоено 10 од 12-те настани во забрзан и во брз шах во кои учествувал, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Турнирот во Загреб се одигра со истиот формат како првиот од серијата, во Полска, и учествуваа седум играчи од целосната турнеја, заедно со три со покана: Магнус Карлсен, Аниш Гири и Иван Шариќ.
Карлсен беше трет по турнирот во забрзан шах, но тој се засили на турнирот во брз шах и ја освои титулата на едно коло пред крајот на турнирот, освојувајќи 22,5 од 36 поени (22,5/36). Второпласираниот Весли Со следеше сличен сценарио, иако во уште поголема мера. Откако на турнирот во забрзан шах беше осми (8/18), тој имаше одличен настап на турнирот во брз шах, постигнувајќи 12/18 и обезбедувајќи го второто место во генералниот пласман со 20/36. Светскиот шампион Гукеш го освои турнирот во забрзан шах со 14/18, а вкупно по двата турнира беше трет, половина поен зад Со.
Големата шаховска турнеја продолжува со два вакви турнира во Сент Луис (САД), во август, пишува ФИДЕ. Н.М.
ФУДБАЛ
Рекорден десетти пат Мексико е првак на Северна Америка
Репрезентацијата на Мексико ја освои рекордната 10-та титула во Голд-купот, фудбалското првенство на Северна Америка, по победата во финалето на дуелот со САД, со 2-1, во Хјустон (САД). Крис Ричардс ги доведе САД во водство во четвртата минута, со гол со глава по слободниот удар на Себастијан Берхалтер, вторпат на турнирот, Раул Хименез го израмни резултатот во 27-та минута со својот трет гол на овој Голд-куп, а Мексико поведе со 2-1 со голот на Едсон Алварез во 77-та минута и со тоа ја одбрани титулата освоена на претходниот шампионат, во 2023 година. САД досега освоија седум титули, а Канада една. Н.М.
ОДБОЈКА
Финска ја освои првата титула во Златната лига
Репрезентацијата на Финска ја освои Златната лига за одбојкари за 2025 година, по победата во финалето на дуелот со домаќинот на фајналфор-турнирот, Чешка, со 3-1. Чешка го освои првиот сет (26–24), а потоа Финска славеше во следните три (26–24, 25–15, 25–23).
Ова е прва титула за Финска во Златната лига за мажи, историски момент за таа репрезентација, која покажа сила и фокус во текот на целиот турнир, пишува Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ).
Јунас Јокела беше прогласен за најкорисен одбојкар (МВП) на финалниот натпревар, предводејќи ја листата со поени, со 16, и играјќи клучна улога во успехот на Финска. Израел го обезбеди бронзениот медал откако ја победи Грција со 3-1.
Македонската одбојкарска репрезентација го освои деветтото место годинава во Златната лига. Во Сребрената лига, пак, триумфира селекцијата на Шведска. Н.М.
КОШАРКА
Соборен рекорд на НБА
Најголемата размена на кошаркари во историјата на НБА-лигата се случи во неделата, а централниот играч Кевин Дурант се приклучи на Хјустон рокетс во замена за Џејлен Грин, Дилон Брукс и мноштво други играчи со вклучени не помалку од седум тима и 13 играчи, пишува НБА. Вклученоста на седум тима во размената го надминува претходниот рекорд, трансакција на шест тима во минатото лето, при која Клеј Томпсон замина во Далас.
– Кевин влијае на играта на двата краја од теренот и е еден од најефикасните стрелци во историјата на кошарката. Ни се допадна растот што го покажа нашиот тим во минатата сезона и веруваме дека вештините на Кевин ќе се интегрираат беспрекорно – рече генералниот менаџер на Рокетс, Рафаел Стоун.
Дурант во минатата сезона имаше просек од 26,6 поени, неговата 17-та во НБА, не сметајќи една година пропуштена поради повреда. Во својата кариера има просек од 27,2 поени и седум скока по натпревар. Хјустон е негов петти клуб, а пред тоа играше за Сиетл (кој потоа стана Оклахома сити тандер), Голден стејт, Бруклин и Феникс. Дурант ги освои своите две титули со Голден стејт, во 2017 и 2018 година, а лани во Париз стана играч со најмногу постигнати поени во историјата на американската олимписка кошарка и првиот кошаркар што бил дел од четири тима со златни медали. Дурант е четирикратен најдобар стрелец, двократен најкорисен играч (МВП) на финалиња и еден од осумте играчи во историјата на НБА со повеќе од 30.000 поени во кариерата. Н.М.