МЛАДИНСКА БАЛКАНИЈАДА ВО ОДБОЈКА НА ПЕСОК
Златни медали за Турција и за Романија
На Балканијадата во одбојка на песок за играчи до 22 години, која се одржа во Тетово, доминираа турските двојки, откако две екипи играа во финалето во машка конкуренција, а победи Турција 1, во состав Сачит и Џан, со 2-0, на дуелот со сонародниците Туна и Бариш. Во женска конкуренција, романската двојка Хододи/Миу втора година во низа е шампион, откако во финалето славеше против Су и Доџа од Турција, со 2-0. Кај мажите, двете молдавски двојки се бореа за бронзата, а славеа Пламадеала и Усатов, а кај одбојкарките бронзата им припадна на Усатова и Ставер од Молдавија. Во изминативе три дена учесниците им понудија вистинско уживање во одбојка на песок на сите љубители на одбојката. Кулминација беа мечевите за медали. Тетово, кое првпат беше домаќин на Балкански шампионат во одбојка на песок, комплетно ја оправда довербата на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) да биде технички организатор на градскиот плоштад, информираат од ОФМ. Пласман (мажи): Турција 1, Турција 2, Молдавија 1, Молдавија 2, Романија, Косово, Албанија, Македонија. Пласман (жени): Романија, Турција 1, Молдавија, Турција 2, Македонија, Косово, Албанија. Г.И.
ЕП ЗА ФУДБАЛЕРИ ДО 21 ГОДИНА
Англија вторпат е европски првак двапати во низа
Репрезентацијата на Англија ја одбрани младинската европска титула за фудбалери до 21 година, по победата во финалето на континенталниот шампионат со Германија, со 3-2, по продолженијата, на Европското првенство (ЕП) што се играше во Словачка.
Англија вторпат освои две титули по ред, откако славеше и во 1982 и во 1984 година. Претходен пат селекција со две титули во низа беше Шпанија, во 2011 и во 2013 година.
Англичанецот Харви Елиот е десеттиот фудбалер што играл и победил во финале за младинска европска титула за играчи до 21 година, по Тиаго Алкантара (Шпанија), Фабио Канаваро (Италија), Давид де Хеа (Шпанија), Даниел де Ридер (Холандија), Дарио Марколин (Италија), Мартин Монтоја (Шпанија), Икер Муниан (Шпанија), Роберто Муци (Италија), Кристијан Панучи (Италија) и Дени Томас (Англија), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Н.М.
ФУДБАЛ
Две младински континентални титули за Холандија годинава
Холандија освои две од петте младински фудбалски титули годинава, откако трофеите ги освоија фудбалерите до 19 години и фудбалерките до 17 години.
По еден пехар освоија Англија (фудбалери до 21 година), Португалија (фудбалери до 17 години) и Шпанија (фудбалерки до 19 години). Од нив, титулите од претходните континентални шампионати ги одбранија Англија и Шпанија (сега има четири во низа). Н.М.