РАКОМЕТ – СП 2025 ЗА МЛАДИНЦИ
Македонија загуби од Фарски Острови во првото коло
Македонската младинска репрезентација за ракометари до 21 година загуби од Фарски Острови со 29-33 во првото коло од групата Ф на 25. Светско првенство (СП) во Полска, на кое играат 32 селекции. Црвено-жолтите на ова СП 2025 се ослабени од неиграњето на повредените Дамјан Митев и Самоил Ристевски. Најпрецизни во македонските редови беа Мирче Калајџиески и Димитар Узунчев со по шест гола, а незапирливиот лев бек Оли Митун реализира 15 гола за Фарски Острови.
Вчера во второто коло Македонија за ривал ја имаше селекцијата на Романија, која во првиот дуел го совлада Исланд. По трите кола во групната фаза, првите две селекции од секоја од осумте групи одат во втората рунда на ЕП 2025. Македонија повторно е на светската сцена за првпат по 2017 година. Ова e четврти настап на Македонија на младинско СП, а најдобриот пласман го има во 2017 година, кога беше шеста. Титулата од пред две години ја брани Германија, а тогаш втора беше Унгарија, трет Исланд, а четврта Србија. Г.И.
КОШАРКА
Јуниорите ги почнаа подготовките за ЕП во Белград
Машката јуниорски репрезентација на Македонија за кошаркари до 18 години ги почна подготовките за настапот на Европското првенство (ЕП), дивизијата А, во јули и во август во Белград (Србија). Селекторот Горан Андреевски и неговите асистенти, на првиот тренинг одржан во големата сала на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, ги имаа на располагање речиси сите кошаркари на кои сметаат на подготовките и за настапот на ЕП 2025 (Македонија е во групата Ц, во која се и репрезентациите на Литванија, Грција и на Србија). Во согласност со планираните активности, репрезентацијата ќе го одработи најголемиот дел од подготовките во СЦ „Борис Трајковски“, а своите први контролни натпревари ќе ги има на 12 односно на 13 јули, во Ботевград, со Швајцарија односно со домаќинот Бугарија. Потоа кошаркарите ќе патуваат за Црна Гора, каде што на 17 и на 18 јули ќе играат против јуниорската репрезентација на домаќинот, информира Кошаркарската федерација на Македонија. Г.И.
ЕП 2025 ЗА ФУДБАЛЕРИ ДО 21 ГОДИНА
Во четврт-финалето реприза на финалето од ЕП 2023
Во четврт-финалето на годинашното Европско првенство (ЕП) за фудбалери до 21 година во Словачка ќе има реприза на финалето на претходниот младински континентален шампионат, одигран во 2023 година, помеѓу актуелниот првак Англија и Шпанија. По трите кола во групната фаза се оформени сите четвртфинални двојки, па, така, за влез во полуфиналето ќе играат и Португалија – Холандија, Германија – Италија и Данска – Франција. Од селекциите меѓу осумте најдобри, младински титули досега освоија Шпанија, Италија (по пет), Германија, Англија (по три), Холандија (две) и Франција (една), Португалија има три учества во финалињата, а Данска двапати настапи во полуфинале. Н.М.