По два одиграни турнира во ова натпреварување, Македонија е на 10-то место од вкупно 12 селекции, со два бода. Црвено-жолтите ќе го играат третиот турнир викендов, во Струмица, со репрезентациите на Црна Гора и на Израел
Прва победа на одбојкарите во Златната лига годинава
Премиерна победа и трет пораз на машката сениорска репрезентација на Македонија на вториот турнир на Европската златна лига во Летонија. Македонија го совлада домаќинот Летонија со 3-2 во сетови (18-25, 25-19, 20-25, 25-23, 25-23), дури по седмата сет-меч-топка, со што беа освоени првите два бода во годинашното издание на ова натпреварување. Капитенот Никола Ѓоргиев беше прв поентер на натпреварот со 29 поени, а потоа следуваа Филип Савовски со 17, Александар Љафтов со 16 итн.
Во вториот меч на тој турнир македонската репрезентација забележа пораз со 0-3 (22-25, 21-25, 20-25) од Грција. На овој дуел селекторот Миленкоски комбинираше со составот и им даде повеќе простор за игра на помладите и надежни одбојкари, кои во иднина ќе бидат носители на играта на репрезентацијата. Ѓоргиев, Љафтов и Савовски беа најефикасни во македонските редови, сите со по осум поени. Црвено-жолтите ќе го играат последниот турнир од ова натпреварување викендов пред својата публика, во салата „Парк“ во Струмица, на кој ќе играат и репрезентациите на Црна Гора и на Израел.
По два одиграни турнира во Европската златна лига, Македонија е на 10-то место од вкупно 12 селекции со два бода (сет-разлика 3-11). Првите четири селекции ќе се пласираат на фајналфор-турнирот во Чешка.
Табела: Романија 9 бода (од три средби), Финска 9 (3), Грција 9 (3), Израел 9 (3), Чешка 6 (4), Шпанија 6 (4), Португалија 3 (3), Летонија 3 (3), Словачка 3 (4), Македонија 2 (4), Црна Гора 1 (3), Хрватска 0 (3). Г.И.
Швајцарија и Австрија се пласираа во финалето
ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА
Македонија го освои седмото место
Женската одбојкарска репрезентација на Македонија загуби во последните два меча на третиот турнир од Европската сребрена лига, викендов во Струмица, и по три одиграни турнири го освои седмото место со седум бода, меѓу вкупно девет репрезентации. Македонија забележа две победи, на мечевите со Луксембург и со Фарските Острови. Во првиот меч викендов избраничките на селекторот Стефан Пауновиќ загубија од Израел со 2-3 во сетови (14-25, 25-18, 25-22, 14-25, 10-15), а беа поразени и во последниот меч од ова натпреварување годинава, од Грузија, со 1-3 (25-20, 21-25, 23-25, 22-25). Вчера се играше и мечот Грузија – Израел. Швајцарија и Австрија се пласираа во финалето на Европската сребрена лига за годинава. Табела пред вчерашните мечеви: Швајцарија 15 бода, Австрија 13, Летонија 12, Грузија 8, Израел 8, Исланд 8, Македонија 7, Фарски Острови 2, Луксембург 0. Г.И.
Од 12 меча, МГД1 победи во десет, по еден ремизира и загуби
ЕКИПНО СП 2025 ВО ЗАБРЗАН ШАХ
МГД1 од Индија прв на целта
Индиската екипа МГД1, предводена од велемајсторот (ВМ) Арјун Еригаиси, триумфира на екипното Светско првенство (СП) во забрзан шах за годинава, во Лондон (15 минути плус 10 секунди по секој потег). Од 12 меча, МГД1 победи во десет, по еден ремизира и загуби, и освои 21 бод. Клучен фактор за овој успех беше конзистентната игра на нивниот аматерски играч Атарва Тајаде, кој имаше совршен ефект во текот на тридневниот турнир, освен во последното коло кога го претрпе единствениот пораз.
Втора со 20 бода е екипата на Хексаминд Чес, која до последното коло беше веднаш зад победникот. Екипата на Фридом, во која играше поранешниот светски првак Индиецот Вишванатан Ананд, по доминантната победа со 4,5-1,5 во последното коло над Најт Денс успеа да се изедначи на третото место со Узбекистан и со ВР Чес, со по 17 поени. На СП 2025 учествуваа 52 екипи (по шест играчи), а секоја мораше да има барем по една шахистка и „рекреативен играч“, со рејтинг не поголем од 2.000 поени. Боите на МГД1 ги бранеа: ВМ Еригаиси (2.708 рејтинг-поени), ВМ Пентала Харикришна (2.634), ВМ Антон Гуијаро (2.625), ВМ Леон Мендока (2.477), ВМ Венкатеш Пранав (2.537), ИМ Ставруола Цолакидоу (2.394), ВМ Сринат Нарајанан (2.440), Тајаде Атарва (1.952), Харихарам Рагхаван (1.656).
Во саботата почна и екипното СП во брз шах (три минути плус две секунди), на кое игра и Русинот Јан Непомнијашчи, кој ќе ги брани боите на ВР Чес. Прво екипите играат во групи, а потоа првите 16 ќе продолжат во нокаут-систем, каде што секој дуел вклучува два мини-меча. Г.И.