КОШАРКА
Оклахома е првиот финалист во НБА-лигата за сезонава
Кошаркарите на Оклахома се пласираа во финалето на НБА-лигата, откако ја победија Минесота со 124-94 дома во петтиот меч од финалето на Западната конференција или вкупно со 4-1 во победи. Играчот на Оклахома, Шеј Гилџис-Александер, е прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) на финалето на Западот, откако оствари просек од 31,4 кош, 8,2 асистенции и 5,2 скока. Тој во петтиот дуел беше и најефикасен кај Оклахома со 34 поени, а имаше и осум асистенции и седум скока. Оклахома првпат ќе настапи во финалето на НБА-лигата по 2012 година, кога загуби со 1-4 од Мајами. Оклахома во финалето на НБА-лигата ќе игра со победникот од дуелот помеѓу Индијана и Њујорк, а таму моментниот резултат беше 3-1 во победи за Индијана. Г.И.
ФУДБАЛ
Пет англиски клуба сезонава освоија први места во домашни и европски натпреварувања
Англиските фудбалски клубови сезонава настапуваа во вкупно шест домашни и меѓународни натпреварувања, победија во пет, и тоа пет различни клуба ги освоија трофеите. Така, во домашните натпреварувања, Ливерпул ја освои титулата во Премиер-лигата, Кристал палас славеше во ФА-купот, а Њукасл во Лига-купот. На европската сцена, пак, трофејот во Лига Европа го освои Тотенхем, а во Конференциската лига победи Челси.
Успесите во европските купови сезонава на англиските тимови им донесоа дополнително место во Лигата на шампионите за идната сезона (пет наместо четири). Вкупно девет клуба од Англија ќе играат идната сезона во континенталните клупски натпреварувања, и тоа во Лигата на шампионите ќе играат Ливерпул, Арсенал, Манчестер сити, Челси и Њукасл преку пласманот во првенството, како и Тотенхем како победник на Лига Европа, потоа, Астон вила и Кристал палас ќе играат во Лига Европа и Нотингем форест во Конференциската лига. Н.М.
ФУДБАЛ
Квалификацискиот меч за клупското СП ќе се игра пред полни трибини
Стадионот во Лос Анџелес ќе биде полн за мечот в недела (од 4.30 часот по средноевропско време) помеѓу ФК Лос Анџелес (САД) и Клуб Америка (Мексико) за пласман на инаугуративното издание на клупското Светско првенство, на кое ќе настапат 32 тима. Билетите се распродадени во рок од само неколку дена, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
На победникот, кој ќе го добие правото да се натпреварува во групата Д на годинашното клупско Светско првенство, му се гарантира исплата од 9,55 милиони долари, како и дополнителни награди врз основа на перформансите, пишува ФИФА.
На клупското Светско првенство ќе играат 32 тима од сите шест конфедерации. Мундијалот ќе почне на стадионот „Хард Рок“ во Мајами на 14 јуни, а ќе се одиграат вкупно 63 натпревари во 11 града. Н.М.