ЏУДО – МЕЃУНАРОДЕН КУП „ТРОФЕЈ НА НИШ“
Бронзи за Албановски и за Паскоска
Најмладите џудисти на џудо-клубот Миоки (родени во 2016 година) првпат настапија на натпревар во Србија, на меѓународниот куп „Трофеј на Ниш“, и прикажаа одлични борби. На турнирoт најуспешен беше Тео Албановски, кој ги освои третото место и бронзениот медал. Исто така, Емилија Паскоска првпат настапи во повисока тежинска категорија (до 48 кг) и освои бронзен медал во контролен натпревар. На татамите во Ниш, храбро се бореа и Кирјана Нечковски, Лука Николовски, Бојан Казанков и Јосиф Волчески. Миоки, предводени од тренерот Игор Паскоски, со освоени три златни и по два сребрени и бронзени медали беше најуспешен џудо-клуб на првенството на Македонија за јуниори (до 21 година), кое неодамна се одржа во Вевчани. Г.И.
НОРДИСКО СП 2025 – СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
Линдвик сега има златни медали на три скокалници
Мариус Линдвик (Норвешка) комплетира колекција златни медали во скијачки скокови на три различни големини на скокалници, со триумфот на Светското првенство (СП) во нордиски дисциплини, кое се одржува во Трондхајм (Норвешка). Тој сега има златен медал од светско првенство на мала скокалница (2025 година), потоа од зимски олимписки игри на голема скокалница (2022 година) и од мундијал во скијачки летови (2022 година).
Сребрен медал на годинашното СП освои Андреас Велингер (Германија), кој истиот медал го освои и на СП 2023, а бронзата му припадна на второпласираниот во Светскиот куп сезонава, Јан Херл (Австрија). За скијачите скокачи СП продолжува утре со мешаниот тимски натпревар, в четврток е тимскиот настан за мажи, в петок е индивидуалниот натпревар за жени, а потоа в сабота индивидуалниот натпревар за мажи.
По првата недела на СП 2025 (скијачко трчање, скијачки скокови и нордиска комбинација) на табелата со медали води Норвешка со седум златни, шест сребрени и два бронзени медала, а потоа се Шведска (2-0-1), Јапонија (1-0-1), Словенија (1-0-0)… Н.М.
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026
Меси ќе ја предводи Аргентина за мечевите со Уругвај и со Бразил
Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, одреди состав со 33 фудбалери предводени од Лионел Меси за јужноамериканските квалификациски мечеви со Уругвај дома и со Бразил на гости, за пласман на Светското првенство в година во САД, Мексико и во Канада, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Еден од младите таленти во обновениот тим е напаѓачот Клаудио Ечевери, кој штотуку му се приклучи на Манчестер сити откако играше во јужноамериканското првенство до 20 години, а други играчи помлади од 21 година во составот се Николас Паз, Бенјамин Домингез и Сантијаго Кастро, пишува АП. Н.М.