Фото: ЕПА

Бах поднесе оставка,нов претседател на ИОК ќе се избира на 20 март

Извршниот одбор на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) се согласи да ја прифати оставката на претседателот на ИОК, Германецот Томас Бах, како член на Интернационалниот олимписки комитет, која ќе стапи во сила по 23 јуни годинава. Ова ќе биде денот на предавањето на функцијата на новиот претседател на ИОК, кој ќе биде избран на 20 март во Грција. Бах ја поднесе својата оставка по неговата најава на сесијата на ИОК во Париз (Франција) дека нема да бара продолжување на неговото претседателствување и покрај повиците од членовите на Интернационалниот олимписки комитет да не го стори тоа, информира ИОК.
Бах беше избран за претседател на 10 септември 2013 година, како деветти претседател на Интернационалниот олимписки комитет, а беше реизбран за втор четиригодишен мандат на 10 март 2021 година. Седум кандидати ќе се натпреваруваат на изборите за претседател на Интернационалниот олимписки комитет на 144-та сесија на ИОК во Грција. Г.И.


ШАХ

Победа на Ајрадиноска во второто коло на СП за јуниори

Македонската шахистка Инџи Ајрадиноска (1.767, рангирана 93-та пред почетокот на турнирот) забележа значајна победа против Ана Софи Ли (2.016, рангирана 63-та) од Данска, со што освои и 14,4 нови рејтинг-поени, а ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Антон Златков (2.321, рангиран 80.) и Мајкл Бурнс (1.983, рангиран 132.) ги загубија своите партии во второто коло на Светското првенство (СП) за јуниори (до 20 години) во Петровац (Црна Гора). Златков загуби од Сердар Бајрамов (2007, рангиран 127.) од Туркменистан, а Бурнс од интернационалниот мајстор (ИМ) од Канада, Антони Атанасов (2.423, рангиран на 37-то место). Во првото коло Ајрадиноска загуби од ЖФМ од Русија, Алиаксандра Тарасенка (2.139, рангирана 44.), Златков од прворангираниот, велемајсторот (ВМ) од Белгија, Даниел Дарда (2.652), а Бурнс ремизира со ФМ од Монголија, Сумија Чингун (2.393, рангиран на 53-то место).
По две кола, Ајрадиноска, во конкуренција на 98 шахистки од 49 држави (седум ЖВМ, 24 ИМ, 13 ЖИМ, две ЖФМ и 33 ЖФМ), е на 67-то место со еден поен. Кај момчињата во конкуренција на 157 шахисти од 58 држави (12 ВМ, 37 ИМ, 44 ФМ), Бурнс е на 123-то место со половина поен, а Златков е на 147-то место. Се играат вкупно 11 кола. Г.И.


ФУДБАЛ

Норвешка гласа дали да се укине ВАР

Норвешкиот фудбал викендов ќе гласа дали да се откаже од користењето на системот видеопомошник-судија (ВАР) во својата врвна лига, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). ВАР имаше огромно влијание врз спортот откако беше формално внесен во правилата на играта во 2018 година. Норвешката фудбалска федерација воведе видеотехнологија во 2023 година. На гласањето во јануари годинава, од 32 клуба што ги сочинуваат првите две лиги во Норвешка, 19 гласаа за укинување на ВАР и 13 за негово задржување и беше испратена препорака до Фудбалската федерација на Норвешка да ја поддржи одлуката на мнозинството клубови и да го отстрани ВАР „што е можно поскоро“, пишува АП. Конечната одлука околу ВАР ќе биде донесена со гласање на конгресот на федерацијата викендов. Клубовите од Премиер-лигата на Англија гласаа во јуни да продолжат да користат ВАР. Шведска е една од ретките земји во Европа што одлучи да не воведе ВАР во својата лига, пишува АП. Н.М.