Фото: „Нова Македонија“

ПЕТ НАЈСИЛНИ ПРВЕНСТВА ВО ЕВРОПА

Најтесните трки за фудбалските титули се во Шпанија и во Италија

Во фудбалските првенства на Шпанија и на Италија трката за шампионската титула е најтесна во конкуренција на петте најсилни домашни шампионати во Европа, со најмала бодовна разлика меѓу претендентите за трофејот. До крајот на сезоната во Шпанија има уште 13 кола, во Италија и во Англија по 12 кола, а во Франција и во Германија по 11 кола.
Во Шпанија води Барселона со ист број бодови како и Реал Мадрид, но со подобра гол-разлика, а на третото место е Атлетико Мадрид со два бода помалку. Во Италија, пак, Интер е прв со еден бод предност пред Наполи и три пред Аталанта. Во двете земји и четвртопласираните не се на голема бодовна разлика, оти во Шпанија Атлетик Билбао има шест бода помалку од водечките, а во Италија Јувентус има осум бода помалку од лидерот.
Во другите од најсилните првенства во Европа, во Германија води Баерн со осум бода повеќе од второпласираниот Баер (трет е Ајнтрахт со 16 бода помалку од клубот од Минхен), во Англија прв е Ливерпул со водство од 11 бода пред Арсенал, но и еден меч повеќе (трет е Нотингем форест со 14 бода помалку), а во Франција на лидерското место е Пари сен Жермен со 13 бода предност пред Марсеј (Ница е трета со 16 бода помалку). Н.М.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ

Превц реди победи и е на 45 бода до одбрана на титулата во СК

Актуелната победничка на Светскиот куп (СК) во скијачки скокови, Ника Превц (Словенија), стана само третата жена во историјата што победила во шест последователни натпревари во Светскиот куп во скијачки скокови, откако вторпат викендов победи во Хинценбах (Австрија), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Претходно таква серија остварија Сара Таканаши од Јапонија и Марен Лундби од Норвешка.
Превц сега има вкупно 11 победи сезонава, по што освои 1.533 поени во генералниот пласман во Светскиот куп, 455 поени повеќе од најблиската ривалка Катарина Шмид (Германија). На Превц ѝ требаат само уште 45 поени за да ја одбрани титулата во Светскиот куп, пишува ФИС. Следува настапот на Светското првенство во нордиски дисциплини, од утре во Трондхајм (Норвешка). Н.М.


УТРЕ ПОЧНУВА 44-ОТ МУНДИЈАЛ ВО НОРДИСКО СКИЈАЊЕ

На СП 2025 ќе има рекордни 25 натпревари за медали

По Светското првенство (СП) во алпско скијање, кое пред десетина дена заврши во Залбах (Австрија), возбудувањата во зимските спортови продолжуваат неделава, со 44-от Мундијал во нордиски дисциплини, од утре во Трондхајм (Норвешка). Ова ќе биде вторпат тој град да организира СП во нордиско скијање (првиот пат беше во 1997 година), а годинашниот шампионат ќе биде првиот каде што трките во крос-кантри ќе бидат со иста должина и за мажи и за жени, објавија организаторите. Ќе има рекордни 25 натпревари во скијачки скокови, нордиска комбинација (скокови и скијачко скијање) и во крос-кантри, со вкупно 12 натпревари за мажи, 11 за жени и два во мешани тимови. Н.М.