Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШАХ – ТУРНИР ВО АВСТРИЈА

Второ реми на Ристески

Македонскиот интернационален мајстор (ИМ) Емил Ристески (2.368 рејтинг-поени, рангиран 36-ти пред почетокот на турнирот), по трите победи во низа, ремито во четвртото коло и двата пораза, вторпат ремизира, во седмото коло на шаховскиот турнир „Опен Грац 2025“ во Австрија. По поразите во еден ден од српскиот велемајстор (ВМ) Иван Иванишевиќ (2.542, рангиран петти) и од женскиот ИМ од Индија, Иша Шарма (2.170, рангирана 111-та), Ристески (20) со бели фигури го подели поенот со женскиот ИМ од Казахстан, Асел Серикбај (2.216, рангирана 96-та). Во осмото претпоследно коло, тој ќе игра со ЖИМ од Кина, Ксиао Жанг (2.211, рангирана 98.). На две кола до крајот на турнирот, Ристески е на 60-то место со четири бода, а во водство се ВМ од Кина, Чонгшенг Женг (2.558, рангиран трет) и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Украина, Роман Пирих (2.414, рангиран 27.) со по шест поени. Г.И.


ОДБОЈКА

Познати се полуфиналистите во Купот на Македонија

Бранителот на трофејот Штип УГД, Струмица 47/72 и Борец се машките екипи што ќе играат во полуфиналето на Купот на Македонија годинава. Сите три екипи славеа со по 3-0 во сетови (Штип УГД – Скопје 25-9, 25-8, 25-14, Струмица 47/72 – Универзитет во Тетово 25-13, 25-20, 25-11, Борец – Лирија 25-18, 25-23, 25-12). Четвртиот патник во полуфиналето ќе биде победникот на дуелот Шкендија – Работнички 71/22, на 26 февруари.
Во женска конкуренција, Работнички Скопје, Наковски Волеј и Јанта Волеј КВ обезбедија пласман во полуфиналето, исто така, по победите со 3-0 во сетови (Работнички Скопје – Младост УГД 25-18 25-14 25-13, Волеј – Вардар ЕМ 25-6 25-15 25-13, Јанта Волеј КВ – Газели Волеј 25-20 25-21 25-21). Последниот патник во завршницата требаше да биде познат вчера, по дуелот Фит Фан Волеј – Пелистер Волеј. Г.И.


ФУДБАЛ

Реал Мадрид, Баерн и Барселона се во трка за тројна европска круна

Реал Мадрид, Баерн и Барселона се во трка за тројна европска фудбалска круна сезонава, откако тимови од тие клубови се во игра за трофеи во Лигата на шампионите (ЛШ) за мажи, Лигата на шампионите за жени и во младинската машка Лига на шампионите. Машките тимови на Реал Мадрид, Баерн и на Барселона денеска ќе ги дознаат ривалите во осминафиналето. Во женска конкуренција во ЛШ на ред е четврт-финалето, во кое Реал Мадрид игра со Арсенал, Баерн со Лион, а Барселона со Волфсбург. Во младинската ЛШ, пак, Реал Мадрид се среќава со АЗ, Баерн игра со Интер, а Барселона со Астон вила. Во овие три конкуренции по два тима имаат Арсенал, Интер, Манчестер сити, Атлетико Мадрид и Астон вила. Н.М.