Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОДБОЈКА

Денеска се играат четврт -финалињата во Купот на Македонија

Одбојкарите на Шкендија и Работнички 71/22, денеска, втора година во низа ќе играат меѓу себе во четврт-финалето на Купот на Македонија. Разликата од лани е тоа што дуелот ќе се игра на теренот на Шкендија, како подобропласирана екипа по првиот дел од сезоната, што ја смести во барабанот со носителите пред ждрепката, во кој беа и Струмица 47/72, Штип УГД и Борец, кои имаа директен пласман во четврт-финалето. Екипите што успешно го поминаа претколото (Работнички 71/22, Универзитет во Тетово, Скопје и Лирија) се најдоа во вториот барабан. Другите двојки се Штип УГД – Скопје, Борец – Лирија, Струмица 47/72 – Универзитет во Тетово. Во женска конкуренција, четвртфиналните двојки денеска се Наковски Волеј – Вардар ЕМ, Јанта Волеј КВ – Газели Волеј, Фит Фан Волеј – Пелистер Волеј, Работнички Скопје – Младост УГД. Се игра во еден добиен натпревар. Г.И.


ШАХ – „ОПЕН ГРАЦ 2025“

Прво реми на Ристески

Македонскиот интернационален мајстор (ИМ) Емил Ристески по победите во првите три кола првпат ремизира на меѓународниот шаховски турнир „Опен Грац 2025“ во Австрија. Во четвртото коло Ристески (20) со бели фигури го подели поенот со ИМ од Индија, Чандра Прасад Дулипала (рејтинг 2.432, рангиран 23-ти), кој имаше 54 поени повисок рејтинг од Ристески (2.368, рангиран 36-ти пред почетокот на турнирот). По четири кола, Ристески беше на делба од второто до 15-то место, со 3,5 поени, а има рејтинг-перформанс од 2.564 поени и новоосвоени 7,9 рејтинг-поени. Во водство е 16-годишниот велемајстор (ВМ) од Украина, Ихор Самуненков (2.550), со четири бода.
Ристески во петтото коло ќе ги одмери силите со истакнатиот српски ВМ Горан Иванишевиќ (2.542), со рејтинг поголем за 200 поени, кој е чест гостин на турнирите во Скопје, а победи и на петтиот по ред „Опен Карпош“ во 2015 година. А-турнирот во Грац се игра во девет кола со класично темпо за размислување, во конкуренција на 226 шахисти од 43 земји (11 ВМ, три ЖВМ, 27 ИМ, девет ЖИМ, 45 ФМ, 10 ЖФМ). Прворангиран е ВМ од Словачка, Јергус Пехач (2.603), кој по четири кола има две победи и два пораза. Г.И.