ОДБОЈКА

Малта избрана за нова членка на БВА

Во Тирана во организација на Одбојкарската федерација на Албанија се одржа 26. Генерално собрание на Балканската одбојкарска асоцијација (БВА), на кое учествуваа 10 од 11 земји членки, а претставници на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) беа претседателот Петар Јовановски и генералниот секретар Филип Деспотовски. Генералното собрание едногласно донесе одлука да ѝ дозволи на Одбојкарската федерација на Малта да учествува со репрезентации во натпреварувањата под капата на БВА.
Членовите на Собранието едногласно одлучија канцеларијата на БВА од Истанбул да се пресели во Белград. Според одлуката на Собранието, нов претседател на БВА ќе биде Милутин Поповиќ од БиХ, а нов потпретседател ќе биде Георгиос Карампецос од Грција. Почесни гости на Собранието беа првиот човек на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), Роко Шикириќ, првиот потпретседател на ЦЕВ, Иван Кнежевиќ, директорот на ЦЕВ, Вук Карановиќ, претседателот на Хрватската одбојкарска федерација и спортски директор на МЕВЗА, Фране Жаниќ, и директорката на Хрватската одбојкарска федерација и претседателка на МЕВЗА, Валентина Бифлин. Следното 27. Генерално собрание на Асоцијацијата треба да се одржи во јануари в година, во БиХ.
На Собранието беа дефинирани летните првенства во одбојка и во одбојка на песок со старосните ограничувања, а се донесоа одлуки и за финансиските и натпреварувачки прашања. Сите учесници и организатори ќе бидат потврдени до крајот на февруари годинава, информираат од ОФМ. Г.И.


ОДБОЈКА – ОФМ

Одржани семинар за судии и за тренери со ФИВБ-предавач

Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) организира еднодневен семинар за (до)едукација на тренерите што работат и водат екипи во националните лиги, во организација на ОФМ. Предавач на семинарот беше искусниот српски тренер и ФИВБ-предавач Александар Бошковиќ. Главната тема на семинарот беше „Основни методи за работа со млади категории“, во која беа опфатени уште неколку поттеми. Семинарот беше поделен во два дела, теоретско предавање и практична презентација, проследена со активна дискусија на учесниците, информираат од ОФМ. На семинарот присуствуваа 50 тренери што работат во клубови што се натпреваруваат во Првата машка, односно во Првата и Втората женска лига, но голем интерес имаше и од младинските школи што функционираат под капата на македонската федерација.
Во организација на Судиската организација при ОФМ, пак, во Штип се одржа полугодишниот судиски семинар за сезоната 2024/2025. Семинарот беше од задолжителен карактер, присуствуваа голем број млади, но и искусни судии и делегати, а меѓународниот одбојкарски судија Орданчо Амбарков беше главен предавач на темата „Овластувања и должности на втор судија за време на одбојкарски натпревари“. Тема на дискусија беа и актуелни ситуации од мечевите во националните првенства со кои се соочиле официјалните лица. Судиската организација се подготвува за вториот дел од сезоната, а преку ваквите семинари се работи на кревање на квалитетот на „интерпретација на судиските правила“ на одбојкарските терени, велат од ОФМ. Г.И.