ШАХ
Каруана прв се пласира на Турнирот на кандидати за 2026 година
Американскиот велемајстор (ВМ) Фабиано Каруана победи на патеката на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за 2024 година и со тоа прв обезбеди место на Турнирот на кандидати за предизвикувач на светскиот првак за 2026 година. Во текот на едногодишното натпреварување, Каруана и ВМ од Индија Арјун Еригаиси беа главните претенденти за челната позиција. Исклучителните перформанси на Каруана на крајот на годината, особено неговите последователни титули на американските мастерс-турнири во Шарлот и во Сент Луис, му овозможија да го престигне Еригаиси, пишува ФИДЕ.
На Турнирот на кандидати за предизвикувач на светскиот првак во 2026 година ќе играат осум шахисти, а покрај Каруана уште и победникот на патеката на ФИДЕ за 2025 година, најдобрите тројца на Светскиот куп годинава, најдобрите двајца на ФИДЕ гран-турнирот за 2025 година и шахистот со највисок просечен рејтинг од август 2025-та до јануари 2026 година.
Во текот на кариерата Каруана се пласира на Турнирот на кандидати за предизвикувач на светскиот првак преку шест различни патеки, а овој пат преку патеката ФИДЕ за 2024 година. Новото издание на патеката ФИДЕ, за 2025 година, е веќе во тек, а Кинезот Динг Лирен е во водство по неговиот меч за титулата со Индиецот Домарају Гукеш, пишува ФИДЕ. Г.И.
ЦЕВ тестира бонус-поен во одбојката
На неодамнешното прво издание на Купот Бене, на кој учествуваа актуелните машки и женски национални шампиони на Холандија и на Белгија, во обид да се модернизира одбојката и да се подобри ангажманот на гледачите, се тестираше таканаречениот „бонус-поен“, пишува Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Преку овој иновативен формат, тимовите имаа можност да изберат „бонус поен“ во секој сет, поен што ќе се брои како два, ако тимот што бараше примена на бонусот беше оној што го освои соодветниот поен. Овој тест беше прифатен со голем ентузијазам од гледачите, со што ја зголеми возбудата на натпреварот, пишува ЦЕВ.
За време на настанот, организаторите го поканија претседателот на Европска судиска комисија (ЕСК), Артуро ди Џакомо, да одржи семинар со фокус на тимската работа и донесувањето одлуки во модерното судење, а ваква работилница е во согласност со визијата и мисијата на ЕСК да го олесни и да го продолжи континуираното образование и на националните и на меѓународните судии за да се кренат нивото и стандардите на одбојкарското судење низ Европа, пишува ЦЕВ. Н.М.