Фото: ЕПА

Трката во Белгија има нов договор
за ротација во Формула 1

Големата награда на Белгија обезбеди нов договор со кој ќе остане во календарот на Формула 1 (Ф1) во периодот од 2026 до 2031 година, пишува „Би-би-си“. Тоа е прв договор од овој тип потпишан од Ф1, кој се обидува да најде начини за сместување нови трки во календарот. Според договорот, историската патека Спа-Франкоршамп ќе биде домаќин на трките во 2026, 2027, 2029 и во 2031 година, а во 2028 и во 2030 година трката Белгија ќе биде заменета со друга. Деталите за тоа кои други локации ќе ротираат со Спа допрва ќе се потврдуваат, пишува „Би-би-си“.
– Големата награда на Белгија беше една од трките што го сочинуваа нашиот прв шампионат во 1950 година, па затоа што ја почнуваме нашата 75-годишнина, соодветно е да можеме да ја споделиме веста за ова важно продолжување. Спа-Франкоршамп со право е пофален од возачите и од гледачите како една од најдобрите тркачки патеки во светот и беше домаќин на некои неверојатни моменти во текот на многуте сезони во Формула 1 – вели претседателот на Ф1, Стефано Доменикали, пренесе „Би-би-си“.
Лани беше најдолгата сезона во Ф1 досега, со 24 трки, како и годинава, договорите на тимовите со Ф1 диктираат најмногу 25 трки годишно, а тие договори треба повторно да се преговараат за периодот што почнува во 2026 година, следниот регулаторен период на Ф1, пишува „Би-би-си“. Н.М.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – НОВОГОДИШНА ТУРНЕЈА

Чофениг го заврши 10-годишното чекање на Австрија за победа на Четирите скокалници

Шампионот на Европските игри, Даниел Чофениг (Австрија), направи неверојатно враќање за да ја освои својата прва титула на новогодишната турнеја во скијачки скокови Четири скокалници со драматична победа, по она што беше наречено „битката за Бишофсхофен“ меѓу Чофениг и неговите сонародници и освојувачи на олимписки златен медал, Стефан Крафт и Јан Херл, пред 14.500 гледачи, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
По три натпревари (во германските Обесдорф и Гармиш Партенкирхен и во австрискиот Инсбрук), само 1,3 поен ја одвојуваа тројката пред финалето во австрискиот Бишофсхофен, Крафт беше водечки, а Чофениг на третото место. По четвртиот натпревар, Чофениг го освои трофејот, а Херл и Крафт се пласираа на второто, односно на третото место. Тоа е само третпат во историјата на престижното натпреварување што трае 73 години, Австрија да има тројца на врвот на новогодишната турнеја Четири скокалници, пишува ФИС. Н.М.


Почна првото издание на лигата во голф во сала

Првенството во голф во сала (ТГЛ) го имаше својот деби-меч во вторникот, во кој по натпреварот со 15 дупки и кој траеше нешто помалку од два часа, што е точно како беше замислено ТГЛ да функционира, Беј го победи Њујорк со 9-2, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). ТГЛ е создадена од Тајгер Вудс и од Рори Мекилрој.
– Ова беше само сон. Рори и јас зборувавме за тоа. Тешко е да се поверува дека тој сон се оствари и бевме во можност да го однесеме голфот во друга стратосфера, навистина – рече Вудс за време на преносот на ЕСПН, пренесе АП.
Местото на натпреварот е објект од околу 23.000 квадратни метри во државниот колеџ „Палм Бич“, играчите удираат неколку топчиња во видеоекран, некои на вистинска трева, некои на вештачка трева, песок… тоа е супервисока технологија, со податоци собрани од секој удар, играчите носеа микрофони, ечеше музика, гледачите навиваа, свиркаа…, пишува АП.
Вудс се очекува да дебитира за својот клуб Јупитер линкс на 14 јануари, а дебито на Мекилрој би можело да биде на 27 јануари кога Бостон комон ќе игра со Јупитер линкс. Редовната сезона трае до 4 март, има шест тима со по четири играчи и четирите најдобри екипи ќе се пласираат во плејофот. Секој тим активира по тројца играчи за еден дуел. Сето тоа ќе биде прикажано на ЕСПН, пишува АП. Н.М.