КАРАТЕ – ПО ПЛЕЈОФОТ ВО СКОПЈЕ

Познати се учесниците на ЕП за млади во Полска

По одржаниот карате плејоф-турнир во Скопје, познат е составот на македонската репрезентација што ќе настапи на Европското првенство (ЕП) за кадети, јуниори и за помлади сениори (до 21 година) в година (7-9 февруари), во полскиот град Бијелско-Бијала.
Освојувачите на првите места во плејофот ја пополнија репрезентацијата, која сега ја сочинуваат: јуниори, ката: Тамара Ристовска (КК Сансаи Метал Апостолов), Нуредин Дервиши (Ускана). Борби: Цветан Маргаритов (до 55 кг, Ботони), Андреј Стојчевски (до 61 кг, Кизаме), Јован Врклевски (до 68, Кизаме), Фисник Шаќири (до 76, Матејче), Филип Стојанов (над 76 кг, Партизан-Кочани), Мартина Петреска (до 48 кг, Чоле), Илијана Серафимова (до 53 кг, Кизаме), Драгана Ефтимовска (до 59 кг, Штип), Теодора Наумовска (до 66 кг, Металург), Ангела Николовска (над 66 кг, Олимпик спорт). Кадети, ката: Блерина Зендели (Ускана), Борјан Димовски (Гладијатор). Борби: Паола Арсовска (до 47 кг, Штип), Душица Бреслиева (до 54 кг, Штип), Анастасија Смилевска (до 61 кг, Кунсуто), Јана Тануровска (над 61 кг, Маваши), Михаил Спасов (до 52 кг, Штип), Божидар Зафиров (до 57 кг, Штип), Али Алби (до 63 кг, Куштрими), Иса Елмази (до 70 кг, Фати), Теодор Стојаноски (над 70 кг, Спорт 94). Кадети-јуниори, ката екипно: Армор (жени), Јошитака (мажи). Помлади сениори (до 21 год.), ката: Данка Стојкова (Сансаи Метал Апостолов), Давид Спасовски (Фунакоши Гичин). Борби: Сара Дука (до 50 кг, Дибра), Рудина Алиу (до 55 кг, Цветан Димов), Јована Мицовска (до 61 кг, Макпетрол), Ера Коџа (до 68 кг, Дибра), Ердона Зимбери (над 68 кг, Фати), Бесарт Мемеди (до 60 кг, Башкими), Матеј Белистојаноски (до 67 кг, Олимпик спорт 2007), Љупче Михајлов (до 75 кг, Штип), Данило Божовиќ (до 84 кг, Макпетрол), Андреј Ангеловски (над 84 кг, Олимпик спорт 2007). Г.И.


КОШАРКА – НБА

Рекорд за погодени тројки на еден натпревар

Далас го победи Голден стејт со 143-133 во меч од кошаркарската НБА-лига, поставувајќи рекорд во погодени удари за три поени. Далас постигна 21 тројка од 41 обид (51,2 отсто), а Голден стејт погоди 27 од 54 шута од длабочина (50 проценти), а вкупната бројка од 48 тројки е нов рекорд во НБА за еден натпревар, надминувајќи го претходниот рекорд од 45 тројки, пишува НБА. По седум тројки погодија Клеј Томпсон и Стивен Кари, Лука Дончиќ постигна шест, Дрејмонд Грин и Ендру Вигинс по пет… Вкупно 13 играчи постигнаа барем една тројка, а десетмина повеќе од една. Тимовите искомбинираа и рекорд за НБА за едно полувреме со 30 погодени тројки, а Голден стејт израмни рекорд на лигата со 18 тројки за едно полувреме, пишува НБА. Н.М.


ФУДБАЛ – УЕФА

Од идната сезона ново натпреварување, Куп на Европа

Извршниот комитет на Европската фудбалска унија (УЕФА) го одреди Куп на Европа како име на второто клупско натпреварување за фудбалерки, кое ќе почне да се игра во сезоната 2025/2026, пишува УЕФА. Новото натпреварување ќе се игра во нокаут-формат, во шест кола, и тоа две квалификациски кола, осминафинале, четврт-финале, полуфинале и финале во две средби. Тринаесет екипи, и тоа третопласираните тимови во домашните лиги од земјите рангирани од осмото до 13-то место и второпласираните тимови од земјите рангирани од 18 до 24-то место, ќе бидат директно вклучени во Купот на Европа, како и клубовите елиминирани во третото квалификациско коло во Лигата на шампионите (ЛШ) за фудбалерки, заедно со второпласираните и третопласираните тимови од второто квалификациско коло, пишува УЕФА. Победникот на Купот на Европа автоматски ќе се пласира во третото квалификациско коло на шампионската патека за пласман во ЛШ за следната сезона. Од идната сезона ќе има и обновена Лига на шампионите за фудбалерки, во која ќе има 18 тима во една лига, пишува УЕФА. Н.М.


ОДБОЈКА

Сада Крузеиро се израмни со Трентино како најуспешен во историјата на клупските СП

Бразилскиот Сада Крузеиро се врати на врвот на подиумот на клупското Светско првенство (СП) за одбојкари и се израмни на врвот со пет планетарни титули, триумфирајќи на СП 2024 што се играше во Уберландија (Бразил). Сада Крузеиро во финалето го победи италијанскиот Трентино Итас, единствената друга екипа на планетата што има пет светски титули и славеше пред своите гледачи, пишува Светската одбојкарска федерација (ФИВБ). Сада Крузеиро го победи Трентино вторпат за четири дена, по победата во пет сета на групната фаза сега славеше со 3-1 (25-22, 20-25, 25-16, 25-22) за да го освои трофејот петти пат по победите во 2013, 2015, 2016 и 2021 година.
– Очигледно знаеме колку е добар Трентино, но кога ќе стапнеме на теренот, не се оценуваме себеси пониско од кого било. Тие имаат одлични играчи и се многу навикнати да играат натпревари на ова ниво, но ние секогаш веруваме во нашите шанси и оставаме сѐ на теренот. Можеме да победиме или да изгубиме, но секогаш даваме сѐ што имаме – рече надворешниот напаѓач Родриго Леао.
Главниот тренер Филипе Фераз беше присутен во секоја од петте титули на Сада Крузеиро, откако тој го освои трофејот првите трипати како играч и беше на кормилото во нивните две следни титули. Валас и Леао со по четири титули, Велинтон Опенкоски, Отавио Пинто, Кледенилсон Соуза и Лукас де Деус, кои беа дел од тимот во 2021 година, се другите членови на тимот со повеќе светски титули, пишува ФИВБ.
Следува клупското СП за одбојкарки во Хангжу (Кина). Н.М.