РАКОМЕТ – „КРОАЦИЈА КУП“
Македонија со два пораза во Пореч
Женската ракометна репрезентација на Македонија со два пораза го заврши учеството на традиционалниот меѓународен турнир „Кроација куп“, во хрватскиот град Пореч, а на кој учествуваа и селекциите на Србија и на домаќинот Хрватска. Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски, на кои овие мечеви им беа последна проверка пред почетокот на Европското првенство (ЕП), прво загубија од Хрватска со 18-26, а потоа и од Србија со 21-33. Вчера за првото место играа Хрватска и Србија. Македонските ракометарки се подготвуваат седми пат да настапат на ЕП, а на ЕП 2024 во Австрија, Унгарија и во Швајцарија се во групата А, заедно со Шведска (меч на 28 ноември, од 20.30 часот), Турција (30 ноември, 20.30 ч.) и со Унгарија (2 декември, 18 ч.). Г.И.
КАРАТЕ – СК ВО ПАМПЛОНА
Машкиот тим во борби со една победа и три порази
Македонскиот тим во борби на Светскиот куп (СК) во Памплона (Шпанија) го освои на четвртото место во својата група А, забележувајќи една победа и три порази. Победата беше остварена над Австралија (5-0), а поразите од Иран (0-5), Италија (1-4) и од Хрватска (1-3). Имаше четири групи со по пет селекции, а само првите две од секоја група се пласираа во четврт-финалето. Самото учество на СК, каде што настапија најдобрите 20 селекции, претставува успех за Македонија, која, пак, настапи во ослабен состав. Машкиот ката-тим на Македонија го освои последното место во својата група А, загубувајќи од Италија, Египет, Саудиска Арабија и од Бразил. На СК беа пријавени 43 репрезентации, со 388 каратисти. Г.И.
Костимите за скијачки скокови добија микрочипови
Костимите по мерка што ги носат скијачите скокачи се меѓу најпроверуваните опреми во зимските спортови, и тоа со добра причина. Покрај тоа што има дебелина од 4 до 6 мм и има специфична пропустливост, поголема лабавост може неправедно да помогне во „летот“, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Тренерите и скокачите продолжуваат да бараат од производителите да ги поместат границите во однос на материјалите што се користат за максимизирање на скоковите. И додека скокачите од врвните земји можеа да користат повеќе костими, некои 40 или 50 во една сезона, оние од помалите земји можеби ќе можеа да набават само мал број за цела сезона, а за да се промовира правичност и за да се намали отпадот, ФИС го ограничи бројот на костими за една сезона. За да се постигне тоа, костимите ќе имаат чипови за идентификација, па отсега скокачот може да носи само еден костим на едно натпреварување и најмногу осум во една сезона, пишува ФИС.
Костимите за скијачки скокови имаат голем број делови. Малите отвори, низ кои влегува воздухот, се прошируваат со употреба, зголемувајќи ја пропустливоста и намалувајќи ги перформансите. Нов костим, достапен само за тимови со поголеми буџети, ќе се спротивстави на тоа намалување на перформансите. Различна кројка, па дури и малку поголем костим, исто така, може да понуди зголемување на должината на скоковите. Сепак, второто носи ризик да биде откриен со контролата на натпреварот.
– Секој дополнителен сантиметар на костимот е важен. Ако вашиот костим има пет отсто поголема површина, летате подалеку. Се разбира, ова е натпреварувачки спорт и сите се на граница со правилата затоа што секој сака да победи. Конкурентска предност е тоа како го подготвувате костимот по мерка. Некои од поголемите тимови носеле костим за два скока, а потоа тимот го уништувал за да ги спречи другите тимови да видат како е скроен – вели Сандро Пертиле, директор на натпреварите во скијачки скокови за мажи.
Во скијачите скокови досега имаше контрола по случаен избор, за скии, врски и за чизми. Обележувањето на костимите не е нов концепт, но, како што вели Пертиле, претходните обиди не биле доволно ефективни. Откако ќе се помине првата контрола на големината на костимот, неколку чипови се втиснуваат со топлина во внатрешноста, во најголемите области и оние со најголемо влијание при летот. Н.М.