ШАХ – СП ЗА КАДЕТИ

Трета победа на Петровски

Четворицата македонски претставници освоија вкупно 2,5 поени во шестото коло на Светското првенство (СП) за кадети/ки во возрасните категории до осум, 10 и до 12 години (играат 697 учесници од околу 65 држави) во италијанскиот град Монтесилвано. Трета победа оствари, односно 50-отстотен успех засега има Никола Петровски (1.829 рејтинг-поени, рангиран 79-ти пред почетокот на СП), кој во ова коло во категоријата до 12 години го надигра Дарио Мациател (1.520, рангиран 120.) од Луксембург. Цел поен освои и Јован Вукашиновиќ (1.454, рангиран 144.) на мечот со Кениецот Фарина Отиено (рангиран 154.) во категоријата до 10 години, половина поен забележа Надица Велкова (рангирана 99.) против Масарира Џемимах од Зимбабве (рангирана 88.), во категоријата до 10 години, девојчиња. Единствениот пораз во ова коло го претрпе со црни фигури Јован Јовановски (107.) од Колумбиецот Самуел Естебан Салседо (1.508, рангиран 71.). По шест кола Петровски има три поени и е на 79-то место, Вукашиновиќ со два поена е на 138-то место, Јовановски со еден поен е 116-ти и Велкова со 1,5 поен е 89-та. Новите светски прваци во овие категории ќе бидат познати по 11-то коло. Г.И.


Почнува сезоната во скијачки скокови

Актуелните освојувачи на кристалниот глобус во Светскиот куп во скијачки скокови, Стефан Крафт и Ника Превц, ќе бидат меѓу оние што ќе сакаат да ги почнат добро своите сезони, на отворањето на сезоната денеска (од 16.15 часот) во Лилехамер (Норвешка), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Скокалницата, изградена за Зимските олимписки игри во 1994 година, ќе биде домаќин на првиот од трите натпревари на мешани тимови сезонава. Индивидуалните натпревари во двете конкуренции се утре и задутре (во двата дена од 12.30 часот жени, а од 16 часот мажи).
Меѓу клучните настани сезонава се машкиот престижен турнир „Четири скокалници“ (од 29 декември до 6 јануари), женската „Турнеја две ноќи“ (на 31 декември и на 1 јануари), Светското првенство во Трондхајм, Норвешка (од 25 февруари до 9 март) и финалето на Светскиот куп, за жени во Лахти, Финска (на 20 и на 21 март), а за мажи на Планица, Словенија (од 28 до 30 март), пишува ФИС. Н.М.


БЕЈЗБОЛ – САД

МЛБ ќе тестира судии роботи

Бејзбол-лигата на САД (МЛБ) ќе тестира судии роботи како дел од системот за проверка на одлуки за време на пролетниот тренинг на 13 терени со 19 тима, што може да доведе до употреба во редовната сезона во 2026 година, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). МЛБ експериментира со автоматизираниот систем во малите лиги од 2019 година, но уште работи на обликот на зоната за удар. Ќе треба да се постигне договор за употреба во големите лиги со Здружението на бејзбол-судии од МЛБ, чиј колективен договор истекува на 1 декември, пишува АП. Н.М.