Фото: Маја Јаневска Илиева

ОДБОЈКА – КОНГРЕС НА ФИВБ

Азеведо е нов претседател на Светската одбојкарска федерација

Бразилецот Фабио Азеведо, поранешен генерален директор на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ), едногласно е избран за претседател на ФИВБ до 2032 година, на 39. Конгрес на ФИВБ, кој се одржа во Порто (Португалија), а на кој присуствуваа и претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Петар Јовановски, и членот на Извршниот одбор (ИО) на ОФМ, Зоран Карановиќ. Азеведо, кој беше и единствен кандидат, е петтиот претседател на ФИВБ, по Пол Либо, Рубен Акоста Хернандез, Жижонг Веи и Ари Граса, кој претседаваше во претходните 12 години. За генерален секретар на ФИВБ е избран Хју Мекатчен, поранешен селектор на женската одбојкарска репрезентација на САД.
Покрај изборот на нов предводник на светската куќа на одбојката, делегатите требаше да гласаат и за нов Одбор на директори на ФИВБ, а во план беше и одржување глобален одбојкарски самит, како и работилница. Претседателот Јовановски присуството на Конгресот го искористи и за средба со првиот човек на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), Роко Сикириќ. Јовановски од август годинава е еден од осумте члена на Одборот на администрација во ЦЕВ со кој раководи Сикириќ, информира ОФМ. Г.И.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Шифрин е на две победи до јубилејниот 100-ти триумф во СК

Микаела Шифрин (САД) ја оствари својата 98. победа во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, 61. во слалом и рекорден осми триумф на патеката во Леви (Финска), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Катарина Лиенсбергер (Австрија) е втора (79 стотинки заостанување), а трета е Лена Дуер (Германија, 83 стотинки).
Шифрин за победата го доби својот осми ирвас, традиционалната награда за триумф во Леви. Оваа победа ја искачува Шифрин и на друга ранг-листа на сите времиња. Со осум победи во Леви, таа сега е втора со најмногу победи на една патека. Прва е Линдзи Вон со 14 победи во спуст во Лејк Луис, пишува ФИС. Шифрин останува на патот да ја забележи својата 100-та победа на домашен снег во Килингтон. Сезоната во слалом за жени продолжува в сабота, во Гургл (Австрија). Н.М.


Новата сезона на Светскиот куп ќе почне на лански снег
Организаторите во Лилехамер направија одлична работа и решија да оформат складиште за снег. Можете да видите дека дури и на далечниот север снегот не може да се земе здраво за готово во толку рана фаза, рече директорот за натпревари на ФИС, Сандро Пертиле

СКИЈАЧКИ СКОКОВИ

Отворањето на Светскиот куп во скијачки скокови во Лилехамер (Норвешка) ќе се одржи според планираното викендов. Организаторите решија и создадоа складиште за снег минатата зима, со оглед на датумот на почетокот на сезонава и бидејќи во Лилехамер, каде што се одржаа Зимските олимписки игри во 1994 година, уште не паднал снег, зачуваниот снег беше потребен и скокалницата сега е подготвена за петте воведни натпревари за жени и за мажи, од 22 до 24 ноември, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
– Организаторите во Лилехамер направија одлична работа и решија да оформат складиште за снег. Можете да видите дека дури и на далечниот север снегот не може да се земе здраво за готово во толку рана фаза. Сега сите сме многу возбудени поради првите натпревари и за тоа кој од спортистите ќе има најдобар почеток на сезоната – рече директорот за натпревари на ФИС, Сандро Пертиле, пренесе ФИС.
Снегот беше распослан во изминатите неколку дена, па сите пет натпревари може да се одржат во текот на викендот на големата скокалница, пишува ФИС. Н.М.