ФОРМУЛА 1
Нови правила за ладење на возачите при екстремни жештини
Формула 1 (Ф1) ќе воведе уред за ладење на возачите кога условите стануваат премногу екстремни во топло време, пишува „Би-би-си“. Новиот систем за ладење вклучува низа мерки, сите насочени кон намалување на температурата во пилотската кабина кога условите би можеле да доведат до медицински проблеми поврзани со топлината. Тие вклучуваат метод на дување ладен воздух врз возачите, можеби со користење разменувачи на топлина и зголемување на отворите за ладење во делови од автомобилот околу пилотската кабина, пишува „Би-би-си“. Употребата на уредот беше одобрена во средата на состанокот на Комисијата на Ф1, во која учествуваат раководното тело ФИА, носителот на комерцијалните права Ф1 и тимовите. Неговото воведување следува по она што беше опишано во соопштението на ФИА и на Ф1 како „охрабрувачки резултати од тестовите“. Н.М.
Монако останува во календарот на Ф1 до 2031 година
Трка во Формула 1 (Ф1) ќе продолжи да се одржува низ улиците на Монако до 2031 година, по шестгодишното продолжување на постојниот договор со Автомобилскиот клуб на Монако, кој трае до 2025 година, објави Формула 1.
Трката во Монако беше дел од првиот календар на Светскиот шампионат во Формула 1 во 1950 година, присутна е од 1955 година и е еден од најпознатите спортски настани во светот и врвен тест за концентрација и умешност за возачите на Формула 1.
Големата награда на Монако во 2025 година ќе се одржи од 23 до 25 мај и ќе ја одбележи 75-годишнината од официјалното деби на трката во Ф1, а од 2026 година настанот ќе се одвива во првиот викенд во јуни секоја година, пишува Формула 1.
– Одушевен сум што Формула 1 ќе продолжи да се одвива во Монако до 2031 година. Улиците на Монте Карло се уникатни и познат дел од Формула 1, па големата награда на Монако останува трка на која сите возачи сонуваат да победат – рече Стефано Доменикали, претседател и извршен директор на Формула 1. Н.М.