Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ
Финалето на ЛШ во 2027 година ќе се игра во Баку или во Мадрид

Азербејџан и Шпанија пројавија интерес да бидат домаќини на финалето на Лигата на шампионите за фудбалери во 2027 година, откако Европската фудбалска унија (УЕФА) повторно го отвори конкурсот за најголемиот клупски натпревар во европскиот фудбал, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Натпреварот треба да се одржи на Олимпискиот стадион во Баку или на стадионот „Метрополитано“ во Мадрид.
Нивните конечни предлози мора да бидат доставени до 19 март, соопшти УЕФА, а одлуката за тоа кој ќе биде домаќин на финалето треба да биде донесена во мај в година, пишува АП.
Потрагата по ново место беше отворена откако извршниот комитет на УЕФА одлучи да не му го додели финалето на познатиот стадион „Сан Сиро“ во Милано. Баку беше домаќин на натпревари на Европското првенство во 2021 година, а и на финалето на Лига Европа помеѓу Челси и Арсенал во 2019 година. Стадионот „Метрополитано“ во Мадрид претходно беше домаќин на финалето на Лигата на шампионите во 2019 година кога Ливерпул го победи Тотенхем со 2-0.
УЕФА, исто така, во средата објави дека има четири заинтересирани страни за финалето на Лигата на шампионите за фудбалерки во 2027 година, и тоа Полска (Варшава), Шпанија (Барселона), Швајцарија (Базел) и Велс (Кардиф). Н.М.


Тренерските совети ќе бидат дозволени во тенисот од в година

Тренерските совети од надвор од терените ќе бидат дозволени во тенисот од јануари 2025 година, објави Меѓународната тениска федерација (ИТФ), пренесе „Би-би-си“. Одлуката беше донесена на годишниот генерален состанок на раководното тело и следуваше по неодамнешните испитувања на меѓународните турнири. ИТФ вели дека овој потег ќе го направи тенисот „пофер и, потенцијално, позабавен“.
Новите промени значат дека тренерите можат да дадат совет вербално или преку рачни сигнали во секое време, освен за време на одигрување поен, а советувањето мора да биде „кратко и дискретно“, освен за време на паузите. Само во тимски настани, кога капитенот на тимот седи на клупата покрај теренот, капитенот може да дава и тренерски совети. Играчите ќе можат да пристапат до одобрената „технологија за анализа“ во моменти кога тренерските совети се дозволени, пишува „Би-би-си“.
Поранешниот светски рекет број 10 Денис Шаповалов ја критикуваше промената, пишувајќи на Икс: „Не само како тенисер туку и како љубител на овој спорт, тажно е да се види ова ново правило. Тенисот е посебен затоа што си таму сам. Зошто се обидувате да ја промените убавината на оваа игра?“, пренесе „Би-би-си“.
– Собравме повратни информации од сите клучни засегнати страни, вклучувајќи ги играчите, тренерите и судиите. Играчите почувствуваа дека тоа е позитивен развој и ги прави турнирите поинтересни за нив – рече Стјуарт Милер, висок извршен директор на ИТФ за интегритет и право. Н.М.


ФУДБАЛ – КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС

Атлетико се доближи до своето второ финале

Бразилскиот фудбалски клуб Атлетико Минеиро ја победи аргентинската Ривер Плата со 3-0 во првиот натпревар од полуфиналето на Копа Либертадорес и се приближи до мечот за титулата вторпат во својата историја, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Атлетико Минеиро го освои Копа Либертадорес во 2013 година. Бразилскиот Ботафого и уругвајскиот Пењарол синоќа го играа својот прв меѓусебен меч од полуфиналето од континенталното клупско натпреварување на Јужна Америка, во Рио де Жанеиро.
Бразилските тимови го освојуваа турнирот во претходните пет години. Финалето ќе се игра на 30 ноември, во Буенос Аирес. Н.М.