ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП
Гамбит АСЕЕ сигурен во првото коло
Вториот македонски претставник на Европскиот клупски куп (ЕКК) во шах во Врњачка Бања (Србија), екипата на Гамбит АСЕЕ, која пред почетокот на турнирот е рангирана на 26-то место (просечен рејтинг 2.377 поени), беше сигурна во првото коло, совладувајќи ја со убедливи 5-1 втората екипа на Паул Керес од Холандија (2.080, рангирана на 68-то место).
По цел поен освоија ВМ Петар Аранаудов (рејтинг 2.407) против ФМ Џон Корнелис (2.212), ФМ Андреј Велјаноски (2.308) против Адриан Шеншуфер (2.022), ИМ Никола Николовски (2.388) против Елмер ван Венендал (2.032) и ЖФМ Ивана Манова (2.060), која на петтата табла со црни фигури го надигра Лео ван Хувелинген (1.958). Половина поен впишаа ФМ Антон Златков (2.323) на втората табла против ФМ Марин Оте (2.194) и ФМ Љубиша Андоновски (2.256) на шестата против Жерон Боларт (1.885). Во ова коло одмораше челната табла на клубот и македонската репрезентација, ВМ Евгени Романов.
Во второто коло вчера противник на Гамбит АСЕЕ беше силната турска екипа Туркиш ерлајлнс (2.682, рангирана петта), за која играат ВМ од светска класа, како што се Русинот Дмитри Андрејкин (2.729), Иранецот Пархам Магсодло (2.719), Индиецот Нихал Сарин (2.668)… Г.И.
ЕКК ЗА ШАХИСТКИ
Триумф на МШК Центар во првиот меч
Единствениот македонски претставник на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Србија во женска конкуренција, МШК Центар (просечен рејтинг 2.353, рангиран шести пред почетокот на ЕКК) во првото коло го совлада израелскиот Ришон Ле Зион (2.061, рангиран на 15-то место) со 3,5-0,5. Победи за скопскиот клуб остварија ИМ Ставроула Цолакидоу (2.439) против ЖИМ Михал Лахав (2.193), ЖВМ Белослава Крастева (2.274) против ЖФМ Софија Ташкинова (2.066) и ЖИМ Викторија Погорелскиј (2.176) против Ади Федеровски (2.019), а ремизира на третата табла, со црни фигури, ЖВМ Викторија Радева (2.282) со ЖФМ Надежда Рептун (1.965).
На ЕКК настапуваат вкупно 18 екипи, а во второто коло вчера МШК Центар играше со силната унгарска екипа Гаруда Ајка (2.459, рангирана втора). На опен-турнирот се игра на шест табли, а на ЕКК за шахистки на четири. Во првото коло на опен-турнирот имаше 10 победи со по максимални 6-0, а кај шахистките три резултати со по 4-0. Г.И.
ФУДБАЛ – САД, ПЛЕЈОФ
Интер и ФК Лос Анџелес на Николов обезбедија предност на домашен терен
Интер Мајами и ФК Лос Анџелес, каде што тренер на голманите е некогашниот македонски репрезентативец Ока Николов, влегуваат во плејофот на американската фудбалска МЛС-лига како првопласирани по регуларниот дел од сезоната, во Источната и во Западната конференција. Интер, за кој настапуваат некогашните фудбалери на Барселона, Лионел Меси, Луис Суарез, Жорди Алба и Серхио Бускетс, постави рекорд на МЛС-лигата со 74 бода и во плејофот ќе ја има предноста на домашен терен (во првото се игра до две победи, а потоа до финалето се игра по еден натпревар). И ФК Лос Анџелес, чии членови се, на пример, некогашните француски репрезентативци, голманот Иго Лорис и центарфорот Оливие Жиру, обезбеди предност на домашен терен, до финалето, каде што на свој терен ќе игра тимот со подобар пласман во регуларниот дел од сезоната.
Денеска се играат двата квалификациски меча чии победници ќе играат во првото коло со Интер (Монтреал или Атланта) и со ФК Лос Анџелес (Ванкувер или Портланд). Првото коло почнува од петок, а другите двојки се Орландо сити – Шарлот, Синсинати – ФК Њујорк, Колумбус кру – Њујорк Ред Бул, Сиетл саундерс – Хјустон Динамо, Реал Солт Лејк – Минестоа јунајтед и Лос Анџелес галакси – Колорадо рапидс. Н.М.