АТЛЕТИКА
Дуплантис по 10-ти пат постави светски рекорд во скок со стап
Шведскиот скокач со стап Арманд Дуплантис (24) по 10-ти пат во својата кариера го собори светскиот рекорд. Тој во полскиот град Хоржов, во рамките на Дијамантската лига, прескокна 6,26 метри, односно за еден сантиметар го подобри досегашниот, кој го постави неодамна на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, Франција.
Триумфот и светскиот рекорд во Хоржов тој ги оствари по само три изведени скока, прво скокна 5,62 метри, а потоа шест метри. Првиот обид на 6,26 метри беше неуспешен, но затоа фантастичниот Швеѓанец се надмина себеси во вториот, со што му припадна и парична награда од 50.000 долари.
Американецот Сем Кендрикс беше втор со скок од шест метри, што е најдобар негов резултат сезонава, а истата висина ја прескокна и Гркот Емануил Каралис, што, пак, претставува негов личен, но и национален рекорд. Каралис за првпат во кариерата прескокна шест метри, по што се откажа, додека Кендрикс трипати ја уриваше летвичката на 6,08 метри, по што Дуплантис остана сам да скока. Г.И.
АТЛЕТИКА
Ингебригтсен урна светски рекорд стар 28 години
Младиот норвешки атлетичар Јакоб Ингебригтсен (23) го собори светскиот рекорд во трката на 3.000 метри, која се одржа исто така во полскиот град Хоржов, во рамките на Дијамантската лига.
Ингебригтсен низ целта мина со време од 7:17.55 минути, со што го урна досегашниот светски рекордот на Кениецот Даниел Комен, кој беше поставен на 1 септември 1996 година, односно пред 28 години на митингот во Ријета, Италија. Тогаш тој ја истрча делницата за 7:20.67 минути.
Второто место го освои Бериху Арегави од Етиопија (7:21.28), што претставува негов личен, но и национален рекорд, додека трет трката ја заврши неговиот сонародник Јомиф Кејелча (7:28.44).
Претходно месецов Ингебригтсен стигна до олимпиското злато во Париз во трката на 5.000 метри, а покрај поставениот рекорд на 3.000 метри, тој е сопственик и на рекордите на 2.000 метри и 1.500 метри во сала. Г.И.