ТЕНИС – ВО ЕГЗИБИЦИСКИ МЕЧ ВО ЊУЈОРК
Ѓоковиќ и Мекинро подобри од Алкараз и Агаси
Србинот Новак Ѓоковиќ (37) и Американецот Џон Мекинро (65) ги совладаа Шпанецот Карлос Алкараз (21) и Американецот Андре Агаси (54) со 10-8 во егзибициски меч, кој се одигра на тенискиот стадион „Артур Еш“ во Њујорк, пред почетокот на годинашниот гранслам-турнир САД опен, кој почнува в понеделник.
Ова беше дел од од т.н. „Навивачката недела“ што се организира пред почетокот на последниот гранслем-турнир во сезоната. Како што е познато, Ѓоковиќ неодамна го освои златниот медал на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, откако во финалето по голема борба го совлада Алкараз со 2-0 во сетови 7-6 (7-3), 7-6 (7-2).
Тие четворица заедно имаат освоено вкупно 43 гранслем-титули во поединечна конкуренција, од кои Ѓоковиќ (24), Агаси (8), Мекинро (7) и Алкараз (4). Покрај нив, егзибициски натпревари одиграа и други прославени и познати тенисери и тенисерки, како што се Американецот Енди Родик, Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро, Италијанката Џасмин Паолини, Полјачката Ига Швојнтек, Италијанецот Матео Беретини и други. Г.И.
БОКС
Профи-борбите повторно на Куба
Професионалниот бокс ќе се врати на Куба на 27 август годинава, по повеќе од 60 години, во организација на Меѓународната боксерска федерација (ИБА). Причина е „Ноќта на шампионите“, на која ќе настапат четворица кубански олимписки шампиони – објавија промоторите на овој турнир, а пренесе ИБА.
– Тоа ќе биде настан што ќе остане запишан во историјата на Куба и во историјата на светскиот бокс, оти во шест борби ќе има четворица кубански олимписки шампиони – изјави Русинот Кирил Шчекутјев, промотор на ИБА.
Шест борби ќе бидат организирани во Хавана под покровителство на ИБА, која е суспендирана од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и која е во центарот на контроверзноста за време на ЛОИ во Париз, кога станува збор за полот на олимписките шампиони, Алжирката Иман Хелиф и Тајванката Лин Ју Тинг.
Кубанските ѕвезди Хулио Цезар ла Круз (92 кг) и Арлен Лопез (80), шампиони од ЛОИ во Рио де Жанеиро и Токио, ќе се соочат со Узбекистанецот Мадијар Сајдрахимов и Белорусинот Алексеј Алфиор за титулите на ИБА во нивните категории. Ќе учествува и медалистката од ЛОИ во Париз, Ерисланди Алварез (63,5 кг), како и Рониел Иглесијас (63,5), олимпискиот првак од 2012 и 2020 година.
Куба го укина професионалниот спорт во 1961 година и делумно го врати во 2013 година, но досега немаше профи-борби на островот. Од 2022 година, кубанските боксери почнаа да настапуваат на професионални мечеви надвор од Куба. Г.И.