Љубица Алексиева како професорка по физичко воспитување активно беше вклучена во многу спортови, а често се јавуваше и како кореографка на слетските вежби организирани во чест на 25 Мај, Денот на младоста. Копаничарството е семејна традиција, почната од таткото Нестор, продолжена со синот Миле, кој беше и спортист, пливач, а е во генерацијата на првите македонски ватерполисти
Љубица Алексиева (2)
Овој пат ќе продолжам со приказната за една од првите квалитетни македонски спортистки Љубица Алексиева. Таа, иако веќе не е меѓу нас, заслужува да се потсетуваме на неа и на нејзиното дело што го остави зад себе, како спортистка и како педагог по физичко воспитување. И минатиот пат напишав оти ќе користам фрагменти од нејзините кажувања за спортскиот и професорскиот живот искажани во емисијата посветена на македонските спортски легенди, снимена со неа пред 14 години. Исто така, за приказната да биде уште покомплетна, во неа ќе има кажувања од нејзиниот брат, популарниот Миле Сирма, кој, исто како и Љубица, беше истакнат спортист. Миле беше пливач, а потоа еден од првите македонски ватерполисти. Неговата кариера, слично како на сестрата Љубица, беше исполнета со многу доживувања и возбудливи моменти. Тој откако заврши со активното занимавање со спортот, продолжи да работи како пливачки тренер низ чии раце поминаа десетици и десетици пливачи, меѓу кои имаше и многу рекордери на Македонија. И денес, кога ќе стане збор за пливањето, често се споменува неговото име.
Како новинар имав можност да разговарам со многу поранешни пливачи, некои и олимпијци, и што е интересно речиси секој од нив ќе спомнеше оти првите пливачки зафати ги научил со чичко Миле. Навистина, тој е многу интересен и благороден човек, кој беше омилен меѓу пливачите. Многумина од нив и денес, иако одамна не се активни, знаат да кажат: „Нема таков човек што ни посветувал толку големо внимание на тренинзите како Миле. Кога беше потребно, за да нѐ подуплаши, ќе подвикнеше малку за да бидеме сериозни и концентрирани на тренингот. Некој што не го познаваше ќе помислеше оти тој е многу строг. Но не беше така, туку, напротив, беше спротивното. Стануваше збор за еден тренер педагог што знаеше во вистински момент да изреагира и да нѐ насочи кон она што беше неопходно да се постигне на тренингот за тој да биде успешен. А, она што некој ќе помислеше оти е строг, тоа беше повеќе глума за да нѐ ’разбуди’ ако почувствуваше дека умот не ни е во тренингот, туку ни лета којзнае каде“.
Ова е уште една особина што ја покажува сличноста помеѓу братот Миле и сестрата Љубица. И таа понекогаш повеќе глумеше оти е строга, а всушност беше темпераментна личност, која настојуваше само да ги насочи своите ученици да тргнат по правиот пат низ животот.
Иако текстот е посветен на Љубица, не можев да го изоставам она што го кажав за Миле. Само ќе дополнам уште нешто за него. Кога неодамна му се јавив на неговиот син Хари и прашав како е татко му, кратко ми одговори: Ене го, шета во градскиот парк. Супер, си помислив, Миле иако наполни 90 години, не се предава, браво за него. Само така да продолжи…
Кој кого го донесе во спортот?
Откако направив една мала дигресија напуштајќи ја темата за Љубица и навраќајќи се на нејзиниот две години помлад брат Миле, веројатно многумина ќе се заинтересираат кој кого го доведе во спортот. Со оглед на тоа што уште во детските години другаруваа со многу подоцнежни истакнати спортисти, мислам оти секој сам си одлучи да почне да спортува. А, тоа што живееја покрај култните места на улицата Орце Николов, во близината на плоштадот, скопската бања, киното „Младина“ и слаткарниците „Младина“ и „Пошта“, тоа беше плус повеќе да имаат секојдневни средби и комуникација не само со своите врсници, кои за да одат на корзо мораа да поминат пред нивната куќа, туку и со повозрасните, од кои многумина веќе беа познати спортисти.
Сиот тој амбиент, нормално, се одрази и имаше влијание на братот и на сестрата. И што е уште поинтересно, нивната куќа секогаш беше отворена за сите другари и пријатели. Такви беа сите од семејството на чичко Нестор, дружељубиви и секогаш подготвени за разговор. За децата, пак, најинтересно беше кога ќе застанеа пред прозорецот од работилницата и ќе гледаа како вештиот и искусен резбар делкајќи го дрвото всушност ги создава своите ремек-дела. Подоцна, бидејќи и Миле тргна по татковиот пат, новите генерации и него го гледаа како ги изработува своите резби. Ова што го пишувам не е само од кажувањето на другите туку и од фактот што и јас ги почувствував тие возбудливи моменти. И јас кога се враќав од скопското корзо дома кон Дебар Маало, често застанував тука и заедно со другите минувачи, меѓу кои имаше и повозрасни луѓе, гледав како чичко Нестор ги делка фигурите и ликовите на дрвената подлога. И денес ми е пред очи таа слика. Навистина тоа беше нешто незаборавно, нешто што засекогаш ќе остане врежано во мојата меморија.
Слетовите пролетна преокупација
Во поранешна Југославија, додека беше жив маршалот Тито, на 25 мај се организираше спектакуларен слетски настан на стадионот на ЈНА. Тоа беше ден кога претставници на младината од сите републики и покраини се собираа во Белград, пред својот претседател да ги покажат своите вежбачки способности и со тоа да го одбележат Денот на младоста.
– За нас, пак, професорите по физичко воспитување, пролетта значеше вложување дополнителен напор, надвор од наставната програма да имаме еден сериозен ангажман за да подготвиме квалитетна екипа, која достојно ќе нѐ претставува на завршниот настап во Белград. Но мора да кажам оти претходно во главните градови на републиките и на покраините на поранешната држава се одржуваа генерални проби, кои имаа изборен карактер. Имено, имаше посебна комисија, во која јас постојано бев не само член туку често и претседател, која го оценуваше настапот на вежбачките групи од сите градови, за потоа да ги определи учесниците на слетот по повод Денот на младоста. И овде, како на спортски натпревар, се водеше голема борба кое училиште ќе биде најдобро. Инаку, при изведбата се ценеше вкупниот изглед на презентацијата, синхронизацијата и тежината на вежбата, како и кореографијата. Можеби сега кога го кажувам ова изгледа малку чудно зашто тоа беше една огромна организација, каде што требаше да се вклопат сите вежби во едно, за на крајот сето тоа да изгледа спектакуларно – велеше таа.
Професорката Алексиева низ емисијата нѐ потсети на тие моменти кога сета југословенска младост беше собрана на едно место. Инаку, сите учесници на слетот десетина дена пред официјалниот настап се собираа во Белград и таму заедно ги синхронизираа вежбите за да се добие една идеална целина. Паралелно со секојдневното вежбање имаше и дружење. Врзано за ова, Љубица имаше свој коментар: „Гледајќи ги младите од сите краишта на Југославија, како низ дружба и весела атмосфера се подготвуваа за заедничкиот настап, во тие мигови никој не можеше да претпостави оти еден ден ќе се заборави на сите тие дружби и пријателства, а државата, која со години ја градевме и со која се гордеевме, ќе се распадне и од неа нема да остане ништо“.
Сеќавања од спортскиот живот
Сега ќе се навратам на некои интересни моменти врзани за професионалниот и спортскиот живот на професорката Љубица, која беше една од главните промоторки на спортот, особено кај женската младина во годините по Втората светска војна. Со оглед на тоа што имала многу доживувања, ќе одделам две.
Кога ја водела женската ракометна репрезентација на Македонија на Купот на републиките и покраините во Суботица, таа седела во првиот ред и внимателно ги следела случувањата на теренот. Во еден момент Горица, една од нејзините ракометарки, веројатно зашеметена од топлото време (се играло летно време токму напладне), наместо кон некоја од ракометарките на теренот, топката ја фрлила кон професорката. Љубица рефлексно реагирала и се спасила таа да не заврши во нејзината глава. Во исто време изгледа и Горица се свестила што сторила, па и таа се фатила за глава и се стрчала кон професорката да ѝ се извини. Потреба за тоа немало, зашто сето тоа изгледало дури и симпатично. Горица како да сакала да ги потсети гледачите оти на времето Љубица била една од најквалитетните македонски ракометарки.
И за крај на кариерата на Љубица во атлетиката, за тоа оти беше една од првите повоени атлетичарки пишував, но сега да споменам оти таа беше и меѓународна атлетска судијка. Ја гледавме речиси на сите натпревари организирани на градскиот стадион. Оние што доаѓаа на натпреварите се сеќаваат, а тоа е така и денес, оти на целта за 100 метри, па и за сите други трки се поставува една висока скала за да можат судиите непречено да видат кога нивниот тркач минува низ целта и да можат навремено да го стопираат времето и да го видат резултатот. Секогаш пред скалата стоеше главниот судија, а тоа без исклучок беше само еден и тоа познатиот атлетски работник, инаку „изгорен“ вардарец Џоџа Грековски. Тој секогаш, како по автоматизам, пред да стартува трката на судиите им се обраќаше со истите зборови: Штоперици на нула, Бранко не се зафркавај, Мирко внимавај, Љубица не мрдај (Бранко беше новинарот Давидовски, Мирко таткото на познатите атлетичари Нада и Ристо Павлови, а Љубица, се знае, професорката).
Ова беше приказната за сестрата Љубица и братот Миле Алексиеви. По многу нешта карактеристични личности, кои дадоа голем придонес за афирмацијата на повеќе спортови во Македонија. Тие беа протагонисти во времето кога владееше чистиот спорт и сѐ се темелеше на чист аматеризам поттикнат од големиот ентузијазам на тогашните спортисти што мечтаеја да се вивнат во спортските височина. За жал, тоа време одамна е поминато.