Фото: ЕПА

Извештајот на еколошките здруженија, кој ги разгледа податоците од изминатите сто години откако Франција беше домаќин на Игрите во 1924 година, покажа дека температурите се зголемиле во просек за 3,1 степени во текот на јули и август, кога и традиционално се одржуваат ЛОИ. Од ИОК изјавија за „Ројтерс“ дека меѓу неколкуте идентификувани контрамерки, една вклучува прегледување на распоредот на натпреварите, што е планирано за да се избегне потенцијална прекумерна топлина

ЛОИ 2024

Нивото на топлина за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава може да предизвика здравствени ризици за натпреварувачите, се наведува во извештајот на еколошките здруженија, додавајќи дека континуираното зголемување на глобалните температури може да ги загрози идните изданија на Игрите, пишува агенцијата „Ројтерс“. Извештајот, насловен „Огнени прстени: ризици од топлина на ЛОИ 2024 во Париз“, беше објавен од Британската асоцијација за одржлив спорт и предводници, организација што им помага на спортистите да се вклучат во еколошките прашања, пишува „Ројтерс“.
Се очекува дека температурите повторно ќе се зголемат во европското лето, по поставувањето на рекордот во 2023 година, при што француската национална метеоролошка агенција „Метео-Франс“ соопшти дека условите најверојатно ќе бидат потопли од вообичаено. Топлината и влажноста исто така беа главен проблем на ЛОИ во Токио во 2021 година, каде што на спортистите, дури и на оние што добро се навикнаа да тренираат во топла клима, им беше исклучително тешко.
– ЛОИ во Париз се пред нас, а забележителните случаи на екстремна топлина што ги поткопува здравјето и уживањето во спортските спектакли се зголемија само во последните години, односно од ЛОИ во Токио. Фактот дека ЛОИ ќе се одржат во текот на летото значи дека заканата од многу жешка клима е многу реална – се наведува во извештајот, чии истражувачи разговарале со научници и со спортисти.
Извештајот, кој ги разгледа податоците од изминатите сто години откако Франција беше домаќин на Игрите во 1924 година, покажа дека температурите се зголемиле во просек за 3,1 степени во текот на јули и август, кога и традиционално се одржуваат ЛОИ. Британскиот рагби-играч Џејми Фарндејл предупреди на опасностите со кои може да се соочат спортистите поради жештината.
– Она што го правиме е да се бориме до нашите граници, а ако мораме да го сториме тоа во услови што се небезбедни, не мислам дека спортистот би се воздржал – потенцира Фарндејл.
Од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) изјавија за „Ројтерс“ дека меѓу неколкуте идентификувани контрамерки, една вклучува прегледување на распоредот на натпреварите, што е планирано за да се избегне потенцијална прекумерна топлина.
– Од големо значење е организаторите на летни спортски настани внимателно да планираат за да ги спречат болестите поврзани со топлината. За ЛОИ, обезбедувањето најдобри и најбезбедни можни услови за спортистите и за гледачите е врвен приоритет на ИОК и на целото олимписко движење – вели портпаролот на ИОК. Г.И.