Оливера Наковска-Бикова, која на ПОИ 2012 во Лондон освои злато во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 10 метри, во Париз ќе се натпреварува во три дисциплини, и тоа утре со воздушен пиштол од 10 м, в понеделник со спорт пиштол од 25 м и в среда со пиштол слободен избор од 50 м. Околу 4.400 спортисти од рекордни 168 земји ќе настапат во 22 параолимписки спорта, во 11 натпреварувачки дена, а ќе бидат поделени вкупно 549 златни медали
ВО ПАРИЗ
Спектакуларната церемонија на отворање го означи почетокот на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз, додека спортистите се движеа по должината на Елисејските полиња до плоштадот „Конкорд“. Како и за Летните олимписки игри (ЛОИ), церемонијата на отворање на ПОИ првпат се одржа надвор од стадион. Околу 4.400 спортисти од рекордни 168 земји, меѓу кои и Македонија, ќе настапат во 22 параолимписки спорта, во 11 натпреварувачки дена, а ќе бидат поделени вкупно 549 златни медали, пишува „Би-би-си“.
– Вечерва нѐ поканувате да ги промениме нашите перспективи, нашите ставови, нашето општество, за конечно на секој човек да му го дадеме целосното место. Секоја емоција што ќе нѐ натерате да ја чувствуваме ќе носи порака што никогаш нема да се заборави, а тоа е дека немате граници, па затоа да престанеме да ви наметнуваме ограничувања. Церемонијата на отворање го претставува почетокот на параолимписката револуција, предводена од спортистите – рече меѓу другото Тони Естанге, претседател на Организацискиот комитет на ПОИ 2024.
Претседателот на Меѓународниот параолимписки комитет (ИПК), Ендрју Парсонс, нагласи дека ПОИ 2024 ќе им покажат на лицата со попреченост што можат да постигнат на највисоко ниво.
– Фактот дека овие можности во голема мера постојат само во спортот во 2024 година е шокантен. Тоа е доказ дека можеме и мораме да направиме повеќе. Се надевам дека на ПОИ 2024 ќе почне параолимписката револуција, револуција за инклузиивноста – рече Парсонс.
Меѓу земјите што продефилираа на отворањето беше и Македонија.
– Македонското знаме го носеше волонтерка, со оглед на тоа дека знаменосци можат да бидат само спортисти, и тоа едно машко и едно женско. Нашата единствена спортистка, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, во договор со тренерот и со делегацијата, одлучи да не ризикува евентуален замор или повреда на рака, да остане во Шатеру и да го искористи денот за тренинг – изјави за Македонскиот параолимписки комитет селекторот на македонската стрелачка репрезентација и тренер на Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски.
Наковска-Бикова, која на ПОИ 2012 во Лондон освои злато во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 10 метри, во Париз ќе се натпреварува во три дисциплини. Почнува утре во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри, потоа в понеделник со спорт пиштол од 25 метри и в среда со пиштол слободен избор од 50 метри. Таа веќе одржа неколку тренинзи откако пристигна во Париз.
Досега се продадени два милиона билети, а се достапни уште околу 500.000. Многу места што се користеа за ЛОИ се во употреба за ПОИ, па, така, атлетиката се одржува на стадионот „Стад де Франс“, пливањето во арената „Ла дефанс“, тенис на Ролан Гарос, коњичкиот спорт во „Версај“ итн. Г.И.