Спасеновски со по една победа, пораз и нерешена борба е втор во групата, а Костовска со истиот резултат беше трета
KAРATE
Петар Спасеновски (26) од КК Макпетрол во тежинската категорија до 84 кг, предводен од тренерот Петар Заборски, и Вероника Костовска (25) од КК Олимпик спорт 2007 (до 61 кг), предводена од тренерот и селектор на сениорската машка репрезентација на Македонија, Александар Кузмановски, се претставија во добро светло на силната светска Премиер карате-лига, викендов во Париз (Франција), со оглед на квалитетот на учесниците што настапуваат во двете конкуренции на овој престижен турнир. И двајцата македонски претставника, кои беа и единствени во Париз, пред настапот беа рангирани на 30-то место на светската карате ранг-листа.
Спасеновски во првата борба се сретна со Украинецот Андриј Торашанко, која заврши 2-2, иако Спасеновски беше во водство до последните 20 секунди. Тој и во втората борба во рамноправен и неизвесен дуел, сепак минимално загуби со 3-4 од Јапонецот Јунја Ето. Во третата борба со Германецот Јане Хауболд славеше со 3-1, што на крајот му го донесе второто место во неговата група, а прв беше Ето, кој се пласира во четврт-финалето.
– Секогаш може подобро. Во глобала, задоволен сум со настапот во сите три борби. Убаво ги отворав борбите и во секоја имав водство речиси до самиот крај. Мало невнимание направи да испуштам победа со Украинецот и со Јапонецот и да бидам прв во групата за да се вмешам во борбата за медал. Се надевам во иднина на подобри борби и без грешка – ни изјави Спасеновски.
Костовска (25), европската кадетска првенка (до 54 кг) од 2015 година, ја заврши првата борба со фаворизирана Французинка Леа Авазери нерешено 1-1, во вториот дуел беше поразена со 3-6 од Марјам Ајарај од Белгија, а во третиот дуел славеше со убедливи 8-0 на дуелот со Емина Шиповиќ од БиХ.
– Генерално гледано психофизички се чувствував доминантно и подготвено, а уживав во борбите против моите противнички. Задоволна сум од прикажаното, секако дека сакам уште повеќе, а следниот пат и да се закитам со медал, бидејќи сѐ помалку од тоа за мене не е доволно – вели Костовска.
Во Премиер-лигата, која се смета за најквалитетна, учествуваат 32 најдоброрангирани каратисти и каратистки во светот или вкупно 380, а сега во Париз беа присутни од 70 држави, што кажува за квалитетот на турнирот. Во елиминациите, секој спортист има три задолжителни борби во својата група, а само прворангираниот во секоја група во двете конкуренции ги продолжува борбите во четврт-финалето. Г.И.