ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП
- Заслужена победа за Супер чес, а ние се мобилизираме за следниот денешен меч, кој ќе биде последен на турнирот, изјави капитенот на ШК Алкалоид, ВМ Влатко Богдановски
Шахистите на Алкалоид влегуваат во последното седмо коло на Европскиот клупски куп (ЕКК) кој се одржува на грчкиот остров Родос со реални шанси за освојување медал. Во шестото коло Алкалоид играше со вториот непоразен тим на турнирот, Супер Чес од Романија, за кој настапува светскиот првак Домараџу Гукеш. Токму тој ја направи единствената победа на првата табла против Ерјун Еригаиси, додека другите пет меча завршија со реми, пишува ШК Алкалоид.
– Белите фигури треба да донесат некаква предност во ваквите мечеви, а тоа му успеа на Гукеш во гринфелдова одбрана. Светскиот првак успеа во системот на отворање да го наведе Еригаиси во непознати води и ја презема иницијативата. На крајот заслужена победа за Супер чес, а ние се мобилизираме за следниот денешен меч, кој ќе биде последен на турнирот – изјави капитенот на ШК Алкалоид, ВМ Влатко Богдановски,
Другите играчи на романскиот тим немаа успех со белите фигури заради солидните одбрани на Јангји Ју и Александар Инѓиќ на третата и петтата табла. Од друга страна, на втората табла Ји Веи не успеа да ја пробие сицилијанската одбрана на Жорден ван Форест, а најинтересна беше партијата на четвртата табла каде Читамбарам Аравинд играше против поранешниот европски првак, Алексеј Сарана. При отворањето, иднискиот велемајстор дојде во изгледна позиција, но потоа во комплицираната средишница, Сарана се снајде и прејде во напад, но на крајот партијата заврши со реми. Пуранек на шестата табла исто така успеа да направи мал плус на почеокот од дуелот со Даниел Дарда, но во четвртиот час од играта превиде пешак, по што грчевито се бореше да воспостави рамноправна позиција и да ремизира. Супер чес на овој начин стигна до минимална победа со 3,5-2,5 и останува единствена екипа со максимален учинок, 12 бода од шест кола. Унгарскиот клуб Нагиканижаи го доби дуелот на втората маса со Туркиш Ерлајнс и во моментов е втор со 11 поени, а денеска ќе излезе на мегдан со првопласираните. Победникот од нивниот дуел ќе биде крунисан како нов шампион на Европа.
Алкалоид во моментов е на делба на третото место, заедно со уште четири други екипи. Со победа во седмото коло македонскиот шампион останува кандидат за медал, а противник ќе им биде седмиот носител, израелскиот клуб Ришон Ле Цион, предводен од ветеранот Борис Гелфанд и Максим Родштајн, кој годинава беше на делба на врвот на индивидуалното Европско првенство, но поради послаби тајбрејк- критериуми, беше третопласиран. Последното семо коло започнува денеска еден час порано (14 ч.) по локално време. Извесно е дека со победа Алкалоид би освоил медал, но од другите резултати ќе зависи дали тоа ќе биде сребро или бронза, пишува ШК Алкалоид. Г.И.





































