ОДБОЈКА
- Во групата Б се Бугарија, Македонија, Полска, Украина, Португалија и Израел. Репрезентациите што ќе настапат на ЕП 2026 се во исчекување на распоредот на натпреварите, кој ЦЕВ треба да го објави откако ќе ги дефинира термините со четирите домаќини на ЕП 2026, Италија, Бугарија, Финска и Романија
Во Софија ќе се играат натпреварите од групата Б, како и осминафиналните и четвртфиналните дуели од Европското првенство (ЕП) во 2026 година за одбојкари. Во групата Б се Бугарија, Македонија, Полска, Украина, Португалија и Израел.
Бугарската одбојкарска федерација првично ја имаше пријавено Варна како град домаќин на ЕП 2026, со сала чиј капацитет е 3.000 гледачи, а по сребрениот медал, кој машкиот национален тим на Бугарија го освои на Светското првенство (СП) минатиот месец, амбициите пораснаа, па беше поднесено барање до Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) за промена на локацијата, односно натпреварите да се играат во арената „Софија“ со капацитет од 12.000 гледачи, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Во интерес на одбојката, како и нејзина што поголема популаризација, ЦЕВ даде позитивен одговор на ова барање, информираат од ОФМ.
Репрезентациите што ќе настапат на ЕП 2026 се во исчекување на распоредот на натпреварите, кој ЦЕВ треба да го објави откако ќе ги дефинира термините со четирите домаќини на континенталното првенство. Почетокот на продажбата на билетите за ЕП 2026 е закажан за 7 ноември, велат од ОФМ.
ЕП 2026 во машка конкуренција, 34-то по ред, ќе се одржи во Италија, Бугарија, Финска и во Романија, од 9 до 26 септември в година. Г.И.