Свечената церемонија во Скопје означи почеток на седумдневен спортски и културен спектакл обединувајќи млади спортисти од цела Европа во духот на ферплеј, пријателство и солидарност. На „ЕМОФ 2025“ се натпреваруваат повеќе од 4.000 спортисти на возраст од 14 до 18 години, во 15 спорта, а Македонија ја претставуваат 181 спортист
Со спектакуларна церемонија во неделата во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје официјално беше отворен најголемиот мултиспортски настан што некогаш се одржал во Македонија, 22-от „Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025“. Претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, официјално го прогласи ЕМОФ за отворен.
Свечената церемонија означи почеток на седумдневен спортски и културен спектакл обединувајќи млади спортисти од цела Европа во духот на ферплеј, пријателство и солидарност.
Вчера почнаа првите натпревари (во атлетика, бадминтон, кошарка, ракомет, стрелаштво, пливање и во одбојка) и беа доделени и првите златни, сребрени и бронзени медали.
На „ЕМОФ Скопје 2025“ до сабота ќе има и натпревари во баскет 3х3, џудо, уметничка гимнастика, друмски велосипедизам, планински велосипедизам, кану-слалом, пинг-понг и во таеквондо. Натпреварите се одржуваат на модерни спортски објекти со меѓународни стандарди во Скопје, Куманово и во хрватскиот град Осиек (гимнастика), а влезот за сите натпревари е слободен. Македонија ја претставуваат 181 спортист во сите 15 спорта.

Повеќе од 4.000 спортисти на возраст од 14 до 18 години од 50 делегации, настапуваат на годинашниот летен Европски младински олимписки фестивал, а фестивалот ќе обезбеди идеална сцена за идните олимпијци да се натпреваруваат, како и за спортистите што се надеваат дека ќе учествуваат на Младинските олимписки игри во Дакар идната година, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) во најавата за „ЕМОФ Скопје 2025“. На „ЕМОФ 2025“ ќе настапат и, на пример, Уго Казањас (атлетика, Шпанија, синот на петкратниот олимпиец Франк Казањас, кој е рангиран на првото и на второто место на европската ранг-листа во фрлање диск, односно фрлање ѓуле, за годинава за неговата возраст, роден е во 2009 година), Узаир Чоудури (уметничка гимнастика, Велика Британија, европски јуниорски шампион во Италија лани), Елена Колас (уметничка гимнастика, Франција, со 15 години го освои златниот медал во екипна конкуренција, повеќебој и во разбој на Европското првенство за јуниори во 2024 година, како и бронзата во прескок), Кели Дуала (атлетика, Италија, 15-годишната девојка го држи националниот рекорд на Италија до 20 години на 100 метри за жени, откако истрча 11,29 во Бреша во јули), Џуван Еканга-Еава (кошарка, Франција, има професионален договор со Бург во француската лига), Алесандра Мао (пливање, Италија, во март го освои италијанското првенство на 200 метри слободно, на 14 години), Ема Фејет-Нгимго (џудо, Франција, победи во категоријата над 70 кг на Европското првенство во џудо за кадети во јуни), Мати Сосна (атлетика, Германија, 17-годишникот се натпреварува во фрлање диск и е помлад брат на Мика Сосна, светскиот рекордер во фрлање диск до 20 години), Ноа Вител (пинг-понг, Франција, освојувач на бронзен медал до 15 години на Светското првенство за младинци лани во Шведска)…, пишува ИОК на својата интернет-страница. Н.М.

АТЛЕТИКА – СКОК СО СТАП
Поставен е младински светски рекорд на ЕМОФ во Скопје
Во првиот ден на натпреварите на 22-от Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ), „Скопје 2025“, поставен е светски рекорд во скок со стап за младинки до 18 години, откако Алика Инкери Мозер (17) од Естонија прескокна 452 сантиметри, на натпреварот на арената „Тодор Проески“ во Скопје. Досегашниот светски рекорд, според податоците на Светската атлетика (СА) во категоријата до 18 години беше 451 см, поставен од Аманда Мол (САД), пред три години. Н.М.