Сигурно ќе биде интересен меч. И двајцата сме силни играчи. Ќе има многу возбудливи партии. Се радувам на тоа како играч и како љубител на шахот. Се надевам дека тоа е убаво искуство и за сите љубители на шахот, изјави Гукеш на виртуелната прес-конференција, која ја објави шаховскиот портал „Чес“
ШАХ – ДОМАРАЈУ ГУКЕШ ПРЕТЕНДЕНТ ЗА ТИТУЛАТА СВЕТСКИ ПРВАК
Годината досега беше многу добра. Имаше многу интересен шах и некои убави достигнувања. Навистина се радувам на мечот за светски првак, изјави Домарају Гукеш, претендентот за титулата светски првак, на виртуелната прес-конференција, која ја објави шаховскиот портал „Чес“, во пресрет на дуелот за планетарната титула со актуелниот светски шампион, Лирен Динг од Кина, кој треба да почне во ноември, во Сингапур.
Каков е вашиот процес на подготовка за ваков важен натпревар?
– Процесот е мошне типичен за Светско првенство (СП). Имам тим и напорно се подготвуваме. Се обидувам да бидам најдобар што можам за СП и да уживам во секој момент од ова патување. Сигурно ќе биде интересен меч. И двајцата сме силни играчи. Ќе има многу возбудливи партии. Се радувам на тоа како играч и како љубител на шахот. Се надевам дека тоа е убаво искуство и за сите љубители на шахот.
Како се справувате со притисокот да ја претставувате Индија на меѓународна сцена и каква порака би сакале да споделите со амбициозните млади шахисти низ светот?
– Секогаш е привилегија да се игра за Индија на толку високо ниво и уживам во искуството. Мислам дека со притисокот се справувам главно преку искуството. На многу турнири ја претставував Индија и имав многу ситуации под висок притисок. Јас сум навикнат на ова. СП сигурно ќе биде поинакво искуство. Со нетрпение го очекувам новото искуство. Мојата порака до сите деца низ светот е само да уживаат во играта, оти шахот е убава игра. Има многу придобивки. Ако уживате во играта, тоа е многу добро хоби. А ако сте талентиран, многу е убаво да сте професионален шахист.
Дали уживате во подготвителниот дел за отворањата и големото влијание на компјутерите или се надевате дека овој меч ќе биде решен во други делови од играта?
– Мислам и на двете. Во основа уживам во процесот. Очигледно има многу подготовки. Тоа е напорна работа, но уживам во процесот, а како ќе биде во иднина, да видиме подоцна. Но, во моментов, тоа е ново искуство и со нетрпение го очекувам. Ќе биде многу важна целата подготовка на мечевите, но очигледно ќе има и други делови во мечот што ќе го решаваат резултатот.
Имате 18 години. Дали чувствувате дека Вашата возраст е предност или недостаток во вашата шаховска кариера и во моментов?
– Има добри и лоши страни. Поради младата возраст, во споредба со поискусните, имам повеќе нивоа на енергија и полесно останувам фокусиран на долги турнири. Едноставно сѐ е ново за мене и полесно е да уживам во ова отколку некој како Каруана, кој толку пати ги поминал овие циклуси. За мене нема таков багаж. Недостаток е дека не сум толку искусен, не сум играл многу и немам толку многу знаење како нив. Но досега мислам дека беше позитивно.
Вашите видувања за стилот на игра на Динг?
– Динг е многу универзален. Речиси сите шахисти на највисоко ниво мора да бидат универзални. Има мали разлики меѓу сите играчи и се трудам максимално да ги анализирам и да ги искористам во своја полза.
Како се подготвувате за голем натпревар како што е СП и дали мислите дека играњето на турнири е вистинскиот начин да се оди напред?
– Мора да има рамнотежа. Не можете да играте на многу турнири пред меч за СП. Тоа беше направено и претходно, но нема смисла и целосно да престанете да играте турнири пред СП. Сѐ додека постои рамнотежа се чувствувам добро со тоа што го правам. Г.И.