Од историјата на борачкиот спорт (5)

  • Во 60-тите години на минатиот век почна вистинскиот подем во борењето, спорт по кој бевме препознатливи во светот. Љупчо Самоников беше главен креатор на сите активности

Во минатите текстови споменав некои интересни работи врзани со почетоците на слободното борење во Македонија. Но, со оглед на тоа што работите во почетокот ги туркаа истите луѓе, тие и понатаму ќе бидат споменувани во овој серијал посветен на борењето. Еден од оние што, секако, има можеби најголеми заслуги за развојот и подемот на слободното борење е Љупчо Самоников. Тој како претседател на тогашната Штипска околија веднаш сфати оти борењето може да биде вистинскиот спорт за младата популација и не само што настојуваше да се формира борачки клуб туку стана и вистински креатор во овој спорт. Неговите заслуги борењето да застане на здрави нозе не може да се заборават и секогаш кога станува збор за овој спорт, иако веќе не е меѓу живите, неговото име со пиетет се споменува. Лично го познавав и соработував со него и можам да кажам дека тој беше човек со широка култура и познавања во речиси сите области од животот. Откако Самоников помина низ сите почетни маки и тешкотии, тој многу години беше главниот носител на овој спорт. Нему му припаѓа заслугата што во Штип се формира прво борачката школа, а потоа и клубот Балканец предводени од Ристо Таков.
Уште во почетокот стана јасно дека покрај фудбалот и кошарката, која тогаш беше мошне развиена во градот под Исарот, борењето ќе биде спортот што ќе ги анимира младите. И навистина, тоа го потврдуваат подоцнежните, а би рекол и денешниве резултати преку еден од најсилните спортски, не само борачки, клубови во Македонија, Балканец.
Ристо Таков, кој полека ја надминуваше средината во која се одржуваа само меѓусебни натпревари зашто тогаш немаше федерација, се пресели во Скопје и овде почна да ги создава шампионите. Пред сѐ, тие беа од редовите на пеливаните. Откако во 1963 година беше формиран тогашниот Сојуз на борачките спортови на Македонија на чело со спортскиот работник Круме Наумовски, почна организираното борење, а се одржаа и првите настапи на нашите борачи на меѓународна сцена. Покрај Таков, својот тренерски афинитет, би рекол и квалитет, го покажуваа уште Бојан Рангелов, Томе Атанасов, подоцна и Насе Насев, кој беше прогласен и за тренер на векот во Македонија и кој со борачите ги постигна најголемите резултати, кои остануваат запишани во македонската спортска историја.

Ристо Таков – предводник на тренерската фела

Овој пат ќе ве потсетам на појавата на една генерација што беше навистина извонредна и која ја предводеа пред сѐ Рамиз Тефиков и Неби Јусуфов од Струмица, потоа Рамадан Сали, Тефик Демири, Борче Димовски, Ацо Јордановски од Скопје, Добре Маринков и Симеон Шутев од Штип и уште десетина други борачи посебно од источниот дел на Македонија. Борењето доби голем замав и почнаа да никнуваат и други центри, како Гостивар, Тетово и Битола, па како резултат на таа широка активност борењето ги доби и првите олимпијци во имињата на Борче Димовски и Симеон Шутев. Овој тандем заедно со Добре Маринков, кој ја немаше таа среќа да учествува на Олимписките игри, повлече една плејада млади борачи, кои веќе почнаа да постигнуваат и резултати на меѓународната сцена. Меѓу најпознатите, се разбира покрај многуте други млади момчиња што се појавуваа на душекот, беа Ристо Дарлев, Киро Ристов, Шабан Сејдиу и Сефер Салиовски, кои беа учесници и на Олимписките игри. Сефер Салиовски, кој беше трет на Европското првенство во Берлин во 1972 година, стана првиот македонски борач со медал од шампионатите на Стариот Континент. Тогаш селектор беше Бојан Рангелов, кој го замени Таков. Овој, пак, бидејќи веќе беше меѓународно афирмиран, замина за селектор на репрезентацијата на Сенегал каде што амбасадор на поранешна Југославија беше познатиот македонски поет Ацо Шопов.
Интересно е дека и Таков имаше афинитети кон уметноста, па така, можеби тој беше единствениот борачки тренер во светот што истовремено беше и успешен сликар. Се сеќавам по неговото враќање од Сенегал, кога повторно застана на кормилото на репрезентацијата, особено привлечни беа неговите слики со мотиви од африканското поднебје, што очигледно беше голема инспирација за него. Направив една мала дигресија, во обид колку што можам одблиску да ви ја прикажам личноста на човекот што се смета за вистински пионер на борачкиот спорт во Македонија и низ чии раце поминаа многу шампиони, кои подоцна беа предводени од други тренери и селектори, како Насе Насев, на пример, кој од тренерската позиција во Спартак од Кочани во 1977 година дојде на чело на репрезентацијата. Некако во сенка, во тие години работеше и еден, би рекол, експерт за откривање таленти, Ментас Алајбегу. Тој формира борачка екипа во училиштето „Лирија“, за што доби целосна поддршка и од другите наставници, а најмногу од Ајруш Синани, кој, исто така, беше вклучен во многуте активности, не само во клубот туку и во СБСМ. Така, со максимално ангажирање речиси на сиот наставнички персонал од училиштето, БК Лирија прерасна во моќен и силен клуб од каде што излегоа многу квалитетни борачи, подоцна и репрезентативци и носители на медали. Еден од нив, можам слободно да кажам, беше легендата на нашето борење, Шабан Сејдиу, кому подоцна му се придружи и единствениот македонски носител на златен медал од олимпијадите, Шабан Трстена.

Сејдиу – најмлад медитерански првак

За Шабан Сејдиу и за освоеното злато на МИ во Алжир во 1975 г., со што стана најмлад победник на Игрите, веќе пишував, но овој пат ќе се задржам уште на неколку интересни детали. Интересно е оти уште како десетгодишно момче Сејдиу ги покажуваше своите потенцијали и ги декласира противниците. Тоа беше сигнал за неговиот тренер Ментас Алајбегу да му обрне посебно внимание, а кога Сејдиу веќе ја надмина училишната средина во „Лирија“, премина во борачкиот клуб Скопје и тука почна да тренира под водството на Ристо Таков. Неговиот талент беше очигледен, остануваше да се надградува само со стручна работа. Сејдиу со 14 години стана младински репрезентативец на поранешна Југославија, за веќе следната 1975 година, борејќи се со специјална лекарска дозвола, да го облече и сениорскиот дрес. Во тој период тој беше најмладиот спортист во репрезентативниот сениорски тим на просторите на поранешна Југославија, а не се сеќавам и дали воопшто подоцна некој помлад од него се најде во истата позиција, на тие години да ги брани боите на сениорската репрезентација.
Првите настапи на Сејдиу како сениор беа на турнирите, за само по неколку месеци, во летото во 1975 година, да се најде на списокот на патниците за Алжир, градот во кој се одржуваа Медитеранските игри. Многумина со недоверба гледаа кон потегот на Ристо Таков со себе да поведе еден толку млад спортист на квалитетниот собир, кој беше рамен на настап на Европско првенство. Сејдиу се најде пред големо искушение, со само 15 години требаше да се бори со асовите од медитеранските земји, меѓу кои, особено во тимот на Турција и на Италија, имаше и носители на олимписки медали. Дури и самите југословенски репрезентативци пред полетувањето за Алжир, на белградскиот аеродром, зачудено гледаа во тоа дете, кое имаше иста униформа како нив, кое покажуваше дека и тоа е дел од националниот состав и ќе биде учесник на Игрите. Но таквата недоумица траеше до почетокот на борбите од турнирот во слободен стил. Кога почнаа пресметките, сѐ стана јасно, уште по првите дуели се виде кој е Сејдиу и каква сила и квалитет се кријат во него. Уште беше присутна радоста од златните медали на претставниците во грчко-римски стил Фргиќ, Петковиќ и Дамјановиќ, а веќе се наѕираше ново злато. Шабан Сејдиу уриваше сѐ пред себе, се бореше во голем стил, а Таков со насмевка ги проследуваше борбите на својот пулен, зашто тактиката уште многу порано, пред секоја борба, беше разработувана и јасно дефинирана. Сејдиу во Алжир стана најмладиот освојувач на златен медал. Оттогаш почнаа неговиот вистински пат кон успехот и пробивот кон светскиот врв.

Сите во авионот го очекуваа најмладиот шампион

Се сеќавам и на моментите на неговата финална борба, која беше некаде околу 18 часот, а само еден час подоцна од алжирскиот аеродром кон Белград требаше да полета првата група југословенски спортисти, меѓу кои беа и борачите. Меѓутоа, како што неретко се случува, поради честите прекини на борбите, стартот на Сејдиу беше поместен за подоцна. Водството на репрезентацијата на чие чело тогаш се наоѓаше познатиот спортски работник, тогашен претседател на СОФКА на Македонија, а подоцна и прв човек на ФК Вардар, Џоџа Николовски, донесе одлука авионот да не полета и да го чека исходот од финалната борба на Сејдиу, кој по мечот набрзина се спакува и со златниот медал во друштво на тренерот Таков пристигна на аеродромот. Во авионот беше пречекан како вистински херој, со овации од другите спортисти меѓу кои имаше асови од калибарот на Кичановиќ, Ќосиќ, Стекиќ, Арсланагиќ. Тоа беше момент на големо славење.
На истите Игри со сребрен медал се закити и Киро Ристов, кој подоцна заедно со Сејдиу и најискусниот меѓу нив, Дарлев, настапуваше речиси на сите големи спортски приредби.