На традиционалната приредба, почнувајќи од 1969 година, трофејот го освојуваа најпознатите боксери на поранешна Југославија. Прв освојувач на „Златниот гонг“ беше европскиот вицешампион Звонимир Вуин од Зрењанин. Од македонските боксери, прв носител на „Гонгот“ беше Аце Русевски, а најмногу пати трофејот го освојуваше Примислав Димовски, дури четири пати
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (324)
Кога зборуваме за македонскиот бокс, неизбежно се споменува и меѓународната манифестација „Златен гонг“, која долги години беше една од најпопуларните приредби во Европа. Меѓутоа, за жал, подоцна поради незаинтересираност на спортските и државните фактори, од страв да не се потрошеле многу пари за организацијата, „Гонгот“се одржуваше со мака и почна да го губи сјајот.
Сепак, без оглед на сите случувања поврзани со организацијата на овој турнир, „Златниот гонг“ има значајно место во нашето спортско живеење, а како приредба беше респектиран не само на овие наши простори туку и пошироко во Европа и во светот. Тоа се потврдува и од фактот што на него досега учествуваа боксери од повеќе светски велесили во овој спорт, како Куба, САД, поранешниот СССР, Полска, Бугарија, Германија, Англија, Романија, Франција, Италија и уште десетина држави, познати или помалку познати во боксерскиот свет. Токму високиот квалитет што го имаше во првите години од организирањето му даваше посебен шмек на „Гонгот“ и љубителите на боксот со нетрпение го очекуваа. Тој полека почна да им конкурира и на веќе традиционалните и афирмирани белградски приредби „Меч на шампионите“ (борба за „златната ракавица“) и „Белградскиот победник“, кој не беше со истиот квалитет, но, сепак, беше доволно силен и респектабилен турнир на кој се појавуваа многу познати боксерски имиња.
Откако белградските боксерски работници почувствуваа оти нивните два турнира добиваат конкурент во „Златниот гонг“, оттаму почнаа да се упатуваат „отровни стрели“ кон Скопје, со единствена цел да се намалат вредноста и значењето на скопскиот турнир, дури и, ако е можно, воопшто да не се одржува. Белграѓаните никако не можеа да се помират со фактот што во Скопје се раѓа еден нов турнир, кој би можел да ги засени нивните два, иако тоа не беше можно зашто нивната традиција, особено на „Мечот на шампионите“, датираше од многу поодамна. Но тие со потценување гледаа кон скопските организатори и постојано во печатот потенцираа зошто им е ова на скопјаните, кога, еве, во Белград има два турнира. Едноставно не можеа да сфатат дека и овде има сила и големи ентузијасти, кои можат докрај да ја истуркаат работата. Очигледно се измамија и дури по неколку години, откако „Златниот гонг“ доживеа полна афирмација и на него учествуваа многу познати боксери од целиот свет, сфатија дека залудно е уште да се противат, па кренаа раце и му дозволија на „Гонгот“ да се организира без сопки од центарот (Белград).
Парлов и Вуин први промотори на „Златниот гонг“
Голема заслуга за организирањето, особено на првиот турнир во 1969 година, имаше и славниот Мате Парлов. Тој негуваше симпатии кон Македонија, во која имаше и многу свои симпатизери, па без колебање прв испрати пријава за учество на турнирот. Се пријавија и најмногу боксери од српските клубови, меѓу кои имаше и југословенски репрезентативци и освојувачи на медали на големите приредби.
Еден од нив беше и првиот победник, боксерот од Зрењанин, Звонимир Вуин. Неговото име ќе биде запишано со златни букви како освојувач на првиот трофеј. Тој ја даде онаа почетна синергија „Златниот гонг“ цврсто да зачекори на светската сцена.
Инаку, Звонимир Звонко Вуин не беше непознато име. Напротив, тој беше еден од најдобрите актери во „благородната вештина“ во поранешна Југославија, кој на својата земја ѝ подари вредни трофеи, сребро од Европското првенство во Рим во 1967 година, две бронзи од олимпијадите во Мексико во 1968-та и во Минхен четири години подоцна. Вуин беше трет на Медитеранските игри во 1963 година, а триумфира на Медитеранот на Игрите во Тунис во 1967 година. Кога на рингот во Македонија имаше еден таков ас, тогаш сѐ беше јасно и немаше шанси приредбата да не биде успешна.
Затоа, може да се смета оти Парлов, со својата прва пријава, и Вуин, со освојувањето на првиот трофеј, беа главните промотори на „Златниот гонг“, кој од година на година добиваше сѐ поголема популарност. Навистина тешко беше да се успее, но, сепак, се успеа.
Се нижеа шампионите
Откако скопската приредба се стекна со почетна афирмација и се прошири глас оти тука и наградите се мошне примамливи, боксерите во следните години сами се јавуваа и прашуваа кога ќе се одржи „Гонгот“. Белградските организатори на двата нивни турнира, откако видоа оти Скопје се претстави како сериозен организатор, подоцна се нудеа користејќи ги своите конекции да обезбедат квалитетни учесници. Меѓутоа, потреба од такво нешто немаше. Единствената молба на организаторите на „Златниот гонг“ беше тие да не ги спречуваат српските боксери да се појават на рингот во Скопје. Потоа сите организациски работи одеа по еден нормален тек, сопки веќе немаше и носителите на сите активности околу организацијата на „Гонгот“, Живко Дуковски и Георги Џоџа Ајановски, можеа да здивнат, зашто повеќе го немаа притисокот од боксерските работници од Белград и Боксерската федерација на Југославија. Одот на „Гонгот“ беше обезбеден, тој прерасна во една врвна манифестација и беше токму по вкусот на боксерските љубители во Македонија. Впрочем, и фактот што на финалните борби имаше навивачки групи од повеќе македонски градови тоа најдобро го потврдуваше. Кумановците, сепак, беа најмногубројни, тие доаѓаа и со музика и создаваа еден неверојатен штимунг. Навистина во тие моменти немаше гледач што не се чувствуваше пријатно. Накратко,, „Златниот гонг“ прерасна во една сенародна приредба, за што многу придонесоа и македонските боксери, меѓу кои имаше неколкумина асови, кои не само што им беа рамноправни ривали на гостинските боксери туку често се случуваше комплетно да ги разоружат и да ги фрлат во очај.
За „Гонгот“ и за неговата успешност веќе немаше дилеми. На него почнаа да доаѓаат силни боксери од сите меридијани, па често ние новинарите знаевме да напишеме оти и понатаму на скопскиот ринг се нижат шампионите. Навистина беше така, а следните редови ќе покажат и кои беа тие вистински шампиони.
Следна sвезда – Светомир Белиќ Белка
Веќе немаше дилеми дека „Гонгот“ ги освои сите, не само приврзаниците на „благородната вештина“. Борбата меѓу четирите јажиња, особено кога на рингот ќе се појавеа познати боксери со освоени трофеи од многубројните настапи, тогаш настануваше вистински делириум во гледалиштето.
Се сеќавам со колку големо интересирање се очекуваше, на пример, настапот на Светомир Белиќ-Белка во 1971 година, на третиот по ред „Златен гонг“. Сите сакаа да го видат на дело во рингот на салата во Градскиот парк (тогаш таму се одржуваа борбите) вицешампионот од Европското првенство одржано истата година во Мадрид.
Доаѓањето на Белиќ предизвика големо интересирање. Сите сакаа да го видат, да се поздрават со него. Тој во тоа време беше и еден од најпопуларните не само боксери туку воопшто југословенски спортисти. На рингот, за задоволство на големата армија навивачи, се претстави во вистинско светло. Одбоксува во голем стил и жирито го прогласи Белиќ за најдобар боксер и му го додели „Златниот гонг“.
Јас, кој ја следев приредбата како новинар во спортската редакција на „Нова Македонија“, кога го замолив за интервју, забележав и солзи во неговите очи. Тоа најубаво ја покажуваше неговата возбуда. Но мора да кажам дека Белиќ беше не само голем боксер туку и голем човек со благородна душа. Можеби затоа голем број негови симпатизери се прашуваа како може еден толку благороден човек, кој во приватниот живот не гази ниту на мравка, да биде боксер. Токму во тоа беше тајната на боксерскиот шампион, не да биде безмилосен, туку на интелигентен начин, без насилна борба, да ги совладува противниците.
Затоа Светомир Белиќ беше омилен и секогаш со пиетет беше пречекуван на ринговите низ поранешна Југославија, па и надвор од неа. Со многуте триумфи на меѓународните турнири, а пред сѐ со среброто од Европското првенство, тој стана боксер што им легна на срце на љубителите на „благородната вештина“. Навистина Белиќ како таков, како благороден го гледаше спортот на кој му ја подари младоста, а потоа и целиот живот, сѐ до 2002 година, кога засекогаш ја напушти животната сцена.
Идната недела ќе продолжам со претставувањето на најпознатите освојувачи на „Златниот гонг“. Тогаш ќе прочитате нешто повеќе и за следниот носител на вредниот трофеј, неприкосновениот фајтер Марјан Бенеш. Ќе има детали и за неговиот неспокоен живот.