Двајцата како поранешни актери на рингот дојдоа до идеја во чест на Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, да се организира традиционален меѓународен боксерски турнир. Иницијативата беше прифатена и од 1969 години почна да се гради традицијата на „Гонгот“

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (322)

За да добие поголема популарност во спортскиот свет, секоја држава организира понекоја традиционална приредба што ќе го привлече вниманието и ќе стане настан интересен не само за учесниците туку и за големата спортска армија навивачи. И кај нас во Македонија, благодарение на спортските ентузијасти, има неколку такви приредби, кои се организираат со години. Да ги споменеме Илинденскиот кајак-слалом на диви води, кој редовно се одржува на патеката на Треска кај Матка, меѓународниот турнир во борење слободен стил „Македонски бисер“, чие име прво беше „Струшки бисер“, а потоа, откако почна турнирот да се сели и во другите градови, од 1982 година го доби сегашното име „Македонски бисер“, и „Мавровскиот мрморијал“ во скијачко трчање. Но се чини дека од спортски аспект најголема афирмација доживеа боксерскиот турнир „Златен гонг“, кој почна да се одржува од 1969 година, во чест на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје. Така, секоја година на рингот во Скопје, а доколку имаше поголем број учесници и во други градови, се одржуваа прелиминарните борби, полуфинални, некогаш и четвртфинални, во зависност од бројката на пријавени боксери.

Дуковски и Ајановски втемелувачи на „Гонгот“

За да се реализира некоја работа се потребни ентузијасти, вљубеници во неа. Такви, за среќа, за македонскиот бокс и за неговата афирмација, се двајцата поранешни актери на рингот Живко Дуковски (беше вицешампион на Југославија) и Џоџа Ајановски, кој поради некој предизвик што го чувствуваше во себе почна да се занимава со „благородната вештина“, но како активен боксер не остана долго на рингот. Затоа, пак, Ајановски, сакајќи да оди напред спортот со кој повеќе се занимаваа посиромашните деца, стана еден од највредните и најпознати боксерски работници. Тој и како новинар (беше уредник на весникот „Вечер“) го афирмира боксот и на тој начин привлекуваше многу млади луѓе да се определат токму за овој спорт. Меѓутоа, Ајановски не застана само на тоа. Напротив, чувствувајќи оти може многу да придонесе за афирмацијата и за квалитетното издигнување на македонскиот бокс, стана многу активен во него како спортски работник. Тој, меѓу другото, беше еден од основачите на БК МИК, подоцна БК Скопје, каде што заедно со Живко Дуковски ги удрија темелите на клубот. Овој момент за Скопје беше многу значаен зашто градот доби сериозен клуб, кој ќе има безбедна егзистенција. И навистина беше така. Со поддршка на Ѓоко Доневски, кој беше неуморен спортски работник и основоположник на СД МИК, во скопска Автокоманда заживеа и боксот.
– Беше мај 1968 година кога во културниот дом во Автокоманда се одржа основачкото собрание на новоформираниот боксерски клуб МИК, на кое јас бев избран за претседател. Бидејќи во тоа време немаше посебна боксерска сала за тренинзи, месната заедница ни одобри тренинзите да се одржуваат во салата од основното училиште во оваа населба – пишува Џоџа Ајановски во својата книга „Спомени на ’Златниот гонг’“, издадена во 2009 година, а посветена токму на неговиот голем другар Живко Дуковски, со кого го газеа трнливиот пат за заживување на клубот, а со тоа и на боксот во Скопје и во Македонија.
Колку, пак, беше големо значењето на Дуковски за „Златниот гонг“, како приредба што и денес опстојува, најубаво зборува и оној дел од посветата каде што Џоџа има напишано оти без него – „Златниот гонг“ ќе останеше само далечен и заборавен сон.

Во сенка на спортските друштва Вардар и Работнички

Формирањето на боксерскиот клуб предизвика големо внимание, а интересирањето за зачленување во него од ден на ден беше сѐ поголемо. Беше очигледно оти многу млади момчиња сакаа да зачекорат во рингот. Салата за тренинг беше сѐ пополна, што беше охрабрувачко за Дуковски и за Ајановски. Меѓутоа, дека не одеше толку лесно најубаво кажуваат овие реченици од книгата: „Морам да истакнам дека тогаш СД МИК беше спортско друштво во сенка на Вардар и на Работнички и главната државна финансиска поддршка им припаѓаше на овие две друштва. СД МИК претежно се потпираше на ентузијазмот на неколкумина спортски вљубеници, така што нашиот боксерски клуб не можеше да очекува помош од своето друштво. Уште повеќе што ова друштво го биеше глас дека е ’егејско’, со оглед на тоа што се наоѓаше во населбата Автокоманда, каде што населението беше претежно од Егејска Македонија. Со фактот дека и претседателот Ѓорѓи Доневски беше од тие македонски краишта, а и јас како претседател на новиот боксерски клуб потекнував од Егејот, во тогашните спортски форуми и во Социјалистичкиот сојуз, под чија капа беа спортските организации, не постоеше некое расположение финансиски да му се помага друштвото. Тоа беше и причината што по неколку години спортското друштво го смени името во СД Скопје, а со тоа и нашиот клуб го доби името БК Скопје“.
Овој дел од книгата на Ајановски најубаво ги покажува маките низ кои минувале. Но настојчивоста на луѓето што го формираа клубот придонесе тој полека да заживее и веќе да покажува знаци оти од него ќе биде нешто.
– Со доаѓањето на Живко Дуковски за тренер, всушност почна и новата преродба на боксерскиот спорт во Скопје. Под негово раководство речиси 40 години клубот бележи исклучителни резултати и тој стана темелникот за афирмацијата и подемот на меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг“ – вели Ајановски.

Како се „роди“ гонгот

Џоџа Ајановски беше далековид и тој знаеше дека ако нема некоја друга посилна финансиска поткрепа, клубот ќе „живурка“ и ќе ја доживее истата судбина како и другите македонски клубови, кои располагаа со голем боксерски потенцијал, ама немаа услови за развој и згаснуваа или маки мачеа за да опстанат.
– Така, размислувајќи што да се стори за клубот да има посигурна егзистенција, а поучен од примерот на Белград, кој организира неколку меѓународни турнири, ми дојде идеја и ние да сториме нешто на тој план. Знаев дека со организацијата, на пример, на „Белградскиот победник“ или „Мечот на шампионите“ во Боксерскиот сојуз на Србија се слеваа многу средства, од кои еден дел им се префрлаше на клубовите, што претставуваше навистина една добра финансиска инјекција за нив. Покрај она што сами успеваа да го обезбедат, клубовите имаа дополнителна поткрепа и од БСС. Така, тие можеа да ги реализираат сите свои програми, непречено да работаат и да создаваат квалитетни боксери. Користејќи го искуството на луѓето од Белград, во еден момент си помислив зошто и ние да не организираме еден таков турнир, од кој нашиот клуб би остварил дополнителни средства за да ги реализира своите активности – вели Џоџа.
Откако му ја пренел идејата на Дуковски, а и на другите членови на клубот, таа веднаш била прифатена и, што се вели, во истиот момент почнале да се кројат планови за тоа што е потребно да се стори за да се организира еден таков турнир.
– Додека се одвиваа разговорите во тој правец, јас веќе размислував за името што би го носела таа боксерска манифестација: белграѓаните имаа „Златна ракавица“ и „Златен оскар“, скопскиот турнир би можел да се вика „Златен гонг“ и би се одржувал, во чест на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје – вели Ајановски.
Меѓутоа, поради календарот на Меѓународната федерација и барањата на националните федерации, често овој термин се менуваше и „Гонгот“ не секогаш се одржуваше во ноември. Така, на пример, по барање на поголемиот број земји што сакаа да учествуваат со свои боксери на турнирот, тој годинава се одржа во мај. На крајот на краиштата, тоа не е ниту толку битно, важно е „Златниот гонг“ да се одржува и традицијата да продолжува.
Инаку, од организациски аспект, најтешката работа била како да се обезбедат средства за турнирот, од кои еден дел би се одвоил за натамошен живот на клубот за да може да се реализираат сите планирани активности. Ако Србите веќе имаа искуство во организирањето вакви приредби, кај нас боксерските работници го немаа тоа. Прашање било дали ќе успеат да го реализираат она што го замислиле. Но, сепак, се решиле да тргнат во реализацијата на идејата.
– Со оглед на тоа што јас и Дуковски бевме лаици за финансиските прашања, Живко предложи да го повикаме нашиот пријател и другар од извидничките денови Димитар Мојсовски, кој во тоа време беше член на Градскиот синдикат на Скопје и уживаше голем углед меѓу политичарите и стопанствениците. Морам да споменам дека и тој како средношколец тренираше бокс и имаше младински настапи за поранешниот боксерски клуб Металец. Мојсовски без никакво колебање ни ја пружи раката велејќи „Златен гонг“ мора да успее. Од тие моменти почнавме да размислуваме за начинот на кој ќе го организираме „Гонгот“, како ќе се одвиваат подготовките и сѐ друго што треба да се направи за манифестацијата да успее и да стане традиционална – пишува во книгата Џоџа.
Ете, така се роди идејата за „Златниот гонг“, кој заедно со „Мечот на шампионите“ во Белград, потоа турнирот „Странџата“ во Бугарија и „Феликс Штам“ во Полска, е најстарата традиционална боксерска манифестација што се одржува во Европа. Тоа не е мала работа и многу значи за афирмацијата на ова наше поднебје, па затоа „Гонгот“ и понатаму треба да се негува.
За тоа како изгледаше првиот „Златен гонг“, а како изгледаа и подоцнежните приредби ќе читате идната недела.