ЏУДО – ЕВРОПСКИ КУП ЗА СЕНИОРИ
- Претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, со голема гордост и оптимизам, официјално го прогласи купот за отворен, посакувајќи им успех на сите учесници и ферплеј-борби. На татамите во Скопје изминативе два дена беа видени борбен дух преполн со адреналин, прекрасни борби и врвно џудо, кое само може да плени
Во свечена и спортска атмосфера во саботата во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје беше отворен Европскиот куп за сениори во џудо, значаен настан што го одбележува понатамошниот развој на џудо-спортот во Македонија. Настанот, на кој учествуваат 300 спортисти од 30 земји меѓу кои и силните селекции на Германија, Србија, Италија, Велика Британија и други, почна со поздравни обраќања од претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, и на претставникот на Министерството за спорт, Илија Ристески.
Притоа тие ја истакнаа важноста на ваквите големи натпреварувања кај нас, за афирмација на македонските спортисти и за промоција на спортскиот дух. Џудо-федерацијата на Македонија на тој начин продолжи со активностите за поддршка и за развој на домашниот спортски кадар, со надеж дека ваквите настани ќе станат традиција и ќе бидат поттик за нови спортски успеси.
Претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Трпаноски, со голема гордост и оптимизам, официјално го прогласи купот за отворен, посакувајќи им успех на сите учесници и ферплеј-борби. На татамите во Скопје изминативе два дена беа видени борбен дух преполн со адреналин, прекрасни борби и врвно џудо, кое само може да плени. Најдобрите сениори од цела Европа се бореа за медали, а најдобрите и се закитија со нив.
Уште на првиот ден македонските репрезентативци покажаа борбеност и посветеност во своите настапи. Нашата џудистка Александра Најдоска имаше борба за бронзен медал, во коа загуби од Германката Лухт Роне. Сепак, нејзиниот настап заслужува пофалби и претставува силен поттик за идните македонски натпреварувачи, кои требаше да настапат на вториот ден на овој Куп, но и на други силни натпреварувања во иднина.
Македонија на овој Европски куп настапи со 14 натпреварувачи, од кои 10 во машка и четири во женска конкуренција, предводени од селекторот Горан Мицкоски. Од македонските судии, правдата на татамите ја делеше Томе Јосифоски, претседател на Судиската комисија на Џудо-федерацијата на Македонија.
Вчера на програмата беше вториот и последен натпреварувачки ден, по што заврши ова значајно и силно европско џудо-натпреварување. Со овој спортски настан, Македонија го заокружи четвртото меѓународно натпреварување што го организира во 2025 година. Во јуни Скопје беше домаќин на Европското првенство (ЕП) за кадети, еден месец подоцна следуваше и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), а во август се одржа Европскиот куп за јуниори, што секако претставува резултат за почит, а македонските љубители на овој спорт можеа само да уживаат во возбудливите и квалитетни борби на татамите во Скопје. Г.И.
Годишно редовно собрание на ЏФМ
Пред почетокот на Европскиот куп за сениори, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје се одржа годишното редовно собрание на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ). На ова собрание, делегатите од клубовите членки, кои беа присутни, ги разгледаа редовните активности на федерацијата предвидени во дневниот ред, а се разговараше и за претстојните активности, како и за новите предизвици што ја очекуваат ЏФМ. По завршувањето на седницата на собранието, членовите на телата и органите при Џудо-федерацијата на Македонија се вратија на редовните обврски за претстојниот европски куп за сениори „Скопје 2025“, кој успешно се одржа викендов. Г.И.