ИНТЕРВЈУ: ВЛАДИМИР ТРПАНОСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЏУДО-ФЕДЕРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА
- Кога нешто работиш, работи го со срце. Немој да штедиш, не импровизирај, не калкулирај. Работата е комплексна, има проблеми, ама моето мото е дека за сѐ има решение. Имај визија, излези од комфорната зона и направи сѐ што треба да се оствари. Кога по шест години макотрпна работа на чело на федерацијата доаѓаат првите признанија, не може да останете имуни на позитивни емоции и среќа во моменти кога некој го препознал она што го работите. Овие признанија се за сите оние што придонесоа да се случи ова и кои не се штедеа на најдобар начин да ги промовираат нашата Македонија и македонското џудо. Сите тие се херои на годината, вели Владимир Трпаноски. Европската џудо-унија ја прогласи Џудо-федерацијата на Македонија за најдобар европски организатор за 2025 година, а нејзиниот претседател Владимир Трпаноски за „Херој на годината“, како симбол на лидерство, визија и исклучителен придонес во развојот и промоцијата на европското џудо
Може слободно да се каже дека македонското џудо во годината што полека си заминува ја живее својата најуспешна година, како на натпреварувачки така и на организациски план. За тоа најуверливо говори фактот што Европската џудо-унија (ЕЏУ) и официјално ја прогласи Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) за најдобар европски организатор за 2025 година, за исклучително успешната организација на Европското првенство (ЕП) за кадети и на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), а нејзиниот претседател Владимир Трпаноски за „Херој на годината“, како симбол на лидерство, визија и исклучителен придонес во развојот и промоцијата на европското џудо. „Нова Македонија“ разговараше со првиот човек на ЏФМ, Трпаноски, кој е поранешен џудист, долгогодишен активен член на ЏФМ, етаблиран деловен професионалец и актуелен комерцијален директор на „Витаминка“ АД – Прилеп. Тој на чело на ЏФМ е од 19 септември 2019 година.
Какво е чувството да се добијат две високи признанија на 77. конгрес на Европската џудо-унија (ЕЏУ), одржан во Лас Палмас (Шпанија) годинава?
– Кога по шест години макотрпна работа на чело на федерацијата доаѓаат првите признанија, не може да останете имуни на позитивни емоции и среќа во моменти кога некој го препознал она што го работите. Овие признанија се за сите оние што придонесоа да се случи ова и кои не се штедеа на најдобар начин да ги промовираат нашата Македонија и македонското џудо. Сите тие се херои на годината.
Пред да се одржи тој конгрес на ЕЏУ, очекувавте ли македонското џудо и Вие лично да добиете вакви признанија или потајно се надевавте, со оглед на тоа колку квалитетни џудо-федерации постојат во светот со многу силни џудисти, што само му дава поголема тежина на оствареното?
– Во изминатиот период присуствував на многу џудо-настани низ Европа и видов како се организираат, какви услови нудат многу поголеми и посилни земји, односно џудо-федерации. При секоја можност кога имав излагање на состаноците со челниците на ЕЏУ им зборував дека ние можеме подобро, Македонија може подобро. Имаме земја што е одлично географски лоцирана, има одличен аеродром, хотели во Скопје на ниво и една од најубавите спортски сали во Југоисточна Европа. Да не заборавиме и на македонското гостопримство. Да, се надевав, кога ги добивме оценките од комесарите и од лицата што беа како надзор од ЕЏУ и кога видов дека сѐ е сработено на највисоко ниво.
Како се станува лидер на една масовна спортска федерација што зад себе остава успешна трага и претставува пример што треба да го следат и други?
– Формулата е едноставна. Кога нешто работиш, работи го со срце. Немој да штедиш, не импровизирај, не калкулирај. Работата е комплексна, има проблеми, ама моето мото е дека за сѐ има решение. Имај визија, излези од комфорната зона и направи сѐ што треба да се оствари.
Македонското џудо сега е попрепознатливо во светот кога ќе се спомне, што, секако, е пријатно да се слушне. Како се доаѓа до вакви позитивни квалификации, колку е тежок патот една спортска федерација да биде најдобар организатор на голем настан, а ЕЏУ да знае да го препознае тоа?
– Да, многу попрепознатливо и сите имаат голема почит кон Македонија и кон нашите можности. Искрено ги собравме симпатиите од сите земји членки на ЕЏУ. За патот можеме многу да зборуваме, но верувајте ми дека е многу тежок, со многу пречки. Ама тоа е зад нас и ние продолжуваме понатаму во нови подвизи.
Пред шест години, кога дојдовте на чело на ЏФМ и потоа завладеаја тешките времиња на кризата со ковид-19, ветивте дека имате подготвено стратегија и планови како точно да го реализирате тоа, а Македонија и македонските џудисти ќе бидат ставени на мапата на големите меѓународни натпреварувања, со помош на едуцирани тренери, кои добро го познаваат овој спорт, а наедно се и одлични педагози. Колку сте задоволни од постигнатото и што беше решавачко да се дојде до овој денешен стадиум?
– Точно е дека поминавме тежок период, особено во времето на ковид, но и тоа е зад нас. Мојата стратегија беше токму оваа, ако немаме добри натпреварувачи, прво да го донесеме европското џудо во Македонија, да го промовираме овој спорт пред македонската јавност, да покажеме за каков благороден спорт се работи, за високите стандарди што ги има наметнато ЕЏУ, за сите придобивки од џудото што може да ги има еден спортист. Исто така, и кај тренерите да побудиме поголема желба за посериозен пристап во тренажниот процес. Не е едноставно од аспект на емоции за тренерите кога имате вакви натпревари дома, а немате натпреварувачи за медали. Гледам и во тоа успеваме полека. Уште имаме многу работа во тој сегмент, но јас сум убеден дека ќе успееме.
Македонија беше организатор на четири големи европски натпреварувања што беа оценети како беспрекорни од видни членови на ЕЏУ. Колку е тешко да се организира еден голем џудо-настан, а притоа да се задоволат сите вкусови на многубројните натпреварувачи, тренери, судии, стручни лица…? На што најмногу треба да се стави акцент на тие настани?
– За успешна организација на голем настан, кој трае неколку дена, претходно треба работа неколку месеци, ама сериозна работа. Треба да се опфатат сите детали, а тоа не е лесно. Многу непроспиени ноќи, размислувања, ставање на хартија, активности… Акцент треба да се стави на сѐ, нема ништо што не е важно ако сакате високо да бидете оценети на крајот, затоа што ЕЏУ ги гледа сите детали, и во арената и надвор од неа, од пристигнувањето на аеродром до нивното заминување.
Тоа што радува, секако, е и фактот што сѐ почесто македонски џудисти се закитуваат со медали на европски купови, балканијади, силни турнири низ светот. Тие медали донесени од јуниорските, кадетските и од пионерските натпреварувања сега имаат поголем сјај, што претставува и дополнителен стимул, како за нивните освојувачи така и за оние што допрва ќе чекорат по нивниот пат. Сметате ли дека во иднина нивниот број сѐ повеќе ќе расне и во таа насока што сѐ треба да сторат ЏФМ, клубовите, тренерите стручните лица, за нивата колекција да биде уште помногубројна?
– Верувам во сите, од натпреварувачи до тренери. Точно е дека почнаа да доаѓаат и медали, што не било пракса до пред неколку години. Тоа само покажува дека стратегијата засега е успешна и мора да продолжиме да ја имплементираме бескомпромисно, иако како и секаде има некои што мислат поинаку. Медали допрва ќе доаѓаат, ви гарантирам, тренерите ќе се едуцираат и членството ќе се зголемува.
Во иднина на што треба да се обрне повеќе внимание за македонското џудо уште повеќе успешно да се развива и дали ЕЏУ ќе воведе некои новитети во самиот спорт?
– Треба да опфатиме многу моменти, особено тренажниот процес, работа со тренерите, следење на сите семинари и обуки во организација на ЕЏУ. Новитети во ЕЏУ има константно и мора да ги следиме ако сакаме да останеме на овој пат.
Кои се плановите на претседателот на ЏФМ за годините што следуваат да бидат, исто така, успешни?
– Да продолжиме со ова темпо што ја крена федерацијата за неколку нивоа повисоко во претходните две-три години. Да донесеме стручни тренери од европски земји што високо котираат во џудо-светот. Да ги завршиме почнатите проекти во Македонија (џудо во школи, во полиција и во армија) и да работиме на зголемување на членството.
































