Фото: ЕПА

ТЕНИС

  • Какви историски шампиони имавме. Сега овие двајца продолжуваат да се туркаат еден со друг на нови нивоа, продолжуваат да го носат спортот на друго ниво, но спортот има и силна група зад нив исто така, изјави за „Ројтерс“ извршниот директор на ИТФ, Рос Хачинс

Карлос Алкараз и Јаник Синер можеби го претворија машкиот тенис во дуопол во претходните две години со освојувањето на гранслем-турнирите, но извршниот директор на Интернационалната тениска федерација (ИТФ), Рос Хачинс, е убеден дека ќе се појави нов бран на предизвикувачи, пишува агенцијата „Ројтерс“. Тениското дуо, наречено Синкараз, повторно ги освои главните турнири годинава и се сретна во шест финалиња, зајакнувајќи ја својата доминација во тенисот за мажи и сигнализирајќи промена на моќта по пензионирањето на Роже Федерер, Рафаел Надал и Енди Мареј. Додека 38-годишниот Новак Ѓоковиќ останува огромен ривал како единствен активен член од „големата четворка“ што освои вкупно 69 гранслем-трофеи во текот на две децении, токму соперништвото Синкараз дефинира нова ера за спортот, пишува „Ројтерс“.
– Возбудливо е, нели? Мислам, каква приказна. Секојпат кога гледаме неверојатни играчи како доаѓаат до крајот на своите кариери се чини дека се појавуваат два, четири, шест, осум нови и го креваат нивото на друга димензија. Какви историски шампиони имавме. Сега овие двајца продолжуваат да се туркаат еден со друг на нови нивоа. Се подобруваат нивните сервиси, форхенди, движење и менталитет. Тие продолжуваат да го носат спортот на друго ниво. Но спортот има и силна група зад нив исто така – изјави Хачинс за „Ројтерс“.
Иако Шпанецот Алкараз и Италијанецот Синер освоија вкупно 10 големи турнири, Хачинс посочи на таленти во подем како Бразилецот Жоао Фонсека како доказ дека следната генерација чука на вратата. Фонсека ја освои својата втора титула на ниво на турнеја во Базел минатиот месец, а 19-годишникот се проби меѓу првите 25 во светот откако ја почна годината на 145-то место. Американскиот тинејџер Тиен импресионира со освојувањето на својата прва титула во Мец овој месец, како и 20-годишниот Чех Јакуб Менсик, кој го освои Мајами опен во март, пишува „Ројтерс“.
– Алкараз и Синер создадоа празнина во однос на нивните успеси, но има и други млади играчи, како Фонсека… Не би бил изненаден ако има некој што се пробива. Мареј и Ѓоковиќ се пробиваа откако Надал и Федерер ја презедоа круната. Претходно, секогаш имало луѓе што доаѓале. Значи, не можеме да предвидиме што ќе се случи, но тие двајца (Алкараз и Синер) беа врвни годинава и беше неверојатно за гледање – рече Хачинс, пренесе „Ројтерс“. Н.М.