ТЕНИС – АВСТРАЛИЈА ОПЕН
Кај тенисерките во полуфиналето ќе играат Рибакина против Пегула и Сабаленка против Свитолина
Италијанецот Јаник Синер, вториот рекет на АТП-листата и четврти на светот, и Србинот Новак Ѓоковиќ (4) ќе играат во полуфиналето на гранслем-турнирот Австралија опен 2026. Синер, кој е победник на последните два турнира во Мелбурн, извојува сигурна победа во четврт-финалето над Американецот Бен Шелтон со 3-0 во сетови (6-3, 6-4, 6-4), по два часа и 25 минути игра. Ѓоковиќ, пак, кој по рекорден 10. пат триумфирал досега на овој турнир, по 13. пат ќе игра во едно полуфинале, откако Италијанецот Лоренцо Мусети при водство од 2-0 во сетови се повреди и го предаде мечот. Во второто полуфинале ќе се сретнат Шпанецот Карлос Алкараз (1) и Германецот Александар Зверев (3). Полуфиналните дуели се играат в петок, претпладне.
Во женска конкуренција, Казахстанката Рибакина по вторпат се пласира во едно полуфинале по 2023 година кога стигна и до финалето. Таа во четврт-финалето убедливо ја совлада Ига Швјонтек од Полска, без загубен сет (7-5 и 6-1), по нешто повеќе од час и половина игра. Нејзина противничка ќе биде Американката Џесика Пегула, која во полуфиналето се пласира по триумфот над сонародничката Аманда Анисимова со 2-0 во сетови (6-2, 7-6/1), по нешто повеќе од еден час игра. Претходно, во полуфиналето се најдоа и првата тенисерка во светот, Белорусинката Арина Сабаленка, и Украинката Елина Свитолина, која е 12-та на ВТА-листата. Женските дуели се на програмата денеска. Г.И.
































