ШАХ – ПО ШЕСТ КОЛА НА ТУРНИРИТЕ НА КАНДИДАТИТЕ
- Синдаров е прв со еден и пол поен повеќе од второпласираниот, а Музичук е на водечката позиција со еден поен предност
Јавокир Синдаров (Узбекистан) постигна неверојатни пет победи од шест партии, совладувајќи го Веи Ји (Кина) во 6. коло, и со тоа дополнително ја зголеми предноста на Турнирот за кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во шах во Пафос (Кипар). Тој во 5. коло победи на мечот со прворангираниот пред турнирот, Хикару Накамура (САД). Фабијано Каруана (САД) ремизира со Андреј Есипенко (Русија) и сега заостанува 1,5 поен зад водечкиот. Поенот го поделија и Аниш Гири (Холандија) и Матеус Блубаум (Германија), односно Накамура и Прагнананда Рамешбабу (Индија).
– Играв многу солидно. Мислам дека стоев полошо, но почнав да ја сакам мојата позиција кога мојот ловец дојде на полето д4. Имав и голема предност на часовникот и можев да притискам во играта – изјави Синдаров (20), кој е и најмлад шахист на турнирот, четири месеци помлад од Рамешбабу.
На Турнир на кандидатките, Ана Музичук (Украина), која во последен момент дојде како замена за Хампи Конери (Индија), која се откажа, продолжува со својата извонредната серија. Таа во ова коло со црни фигури ја совлада Жу Џинер (Кина) и сега е лидерка со четири поени од шест партии.
– Тоа беше многу стресна партија. Го очекував италијанското отворање. Џинер е многу силна шахистка, највисоко оценета со рејтинг-поени, а ги доби и претходните две партии, па затоа ова беше опасна партија за мене – рече Музичук, пренесе Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Во преостанатите партии победија и Дивиа Дешмух (Индија) против Бибисара Асаубаева (Казахстан) и Ваишали Рамешбабу (Индија) против Катерина Лагно (Русија), а ремизираа Тан Жонгји (Кина) и Александра Горјачкина (Русија). И навивачката зона на турнирот е во полн ек. Заменик-претседателката на УО на ФИДЕ, Дана Рејзниеце, одржа предавање на темата „Како да се победи во шах? Животни лекции научени од шахот“, Сагар Шах беше домаќин на работилница за деца, а д-р Евгениј Леванзов одржа предавање на темата „Шах и математика“, пишува ФИДЕ.
Табела, мажи: Синдаров (рејтинг 2.745) 5,5 поени, Каруана (2.795) четири, Рамешбабу (2.741) и Гири (2.753) по три, Блубаум (2.698) 2,5, Веи (2.754), Накамура (2.810) и Есипенко (2.698) по два.
Табела, жени: Музичук (2.522) четири поени, Дешмух (2.497), Џинер (2.578), Горјачкина (2.534), Лагно (2.556) и Рамешбабу (2.470) по три, Жонгји (2.535) и Асаубаева (2.616) по 2,5. Г.И.






























