Таа е четвртата Швеѓанка што освоила злато во алпско скијање, по Пернила Виберг (1992 и 1994), Ања Парсон (2006) и Фрида Хансдотер (2018)
ВЕЛЕСЛАЛОМ, ЖЕНИ
Швеѓанката Сара Хектор го освои златниот медал во женскиот велеслалом на ЗОИ во Пекинг, за неа прва победа на едно големо натпреварување во кариерата. Хектор (29) ја забележа првата победа во Светскиот куп (СК) во декември 2014 година, а следната 2015-та ѝ беше кажано дека не ќе може повеќе да скија поради тешката повреда на коленото. Но успеа да закрепне, ги надмина сите проблеми и потоа по долги седум години, минатиот декември ја забележа втората победа во СК. И веднаш потоа, како да ја откри тајната на успехот, следуваа уште две победи, во јануари (сите во велеслалом). Сега, во февруари, Хектор го постигна најголемиот триумф во кариерата, стана олимписка шампионка. Таа е четвртата Швеѓанка што освоила злато во алпско скијање, по Пернила Виберг (1992 и 1994), Ања Парсон (2006) и Фрида Хансдотер (2018-та). На претходните девет ЗОИ (вклучувајќи го и Пекинг 2022). Само САД имаа повеќе различни олимписки златни медалистки во алпско скијање (пет).
– Лудо е, многу сум горда, не можам сево ова да го опишам со зборови. Се обидов да дадам сѐ од себе и успеав, неверојатно е. Бев многу нервозна, ми се измешаа многу чувства, но сега многу сум радосна – изјави Хектор.
Сребрениот медал го освои Италијанката Федерика Брињоне, која пред четири години на ЗОИ во Пјонгчанг се закити со сребрен медал во оваа дисциплина. Швајцарката Лара Гут-Бехрами беше трета и сега има уште еден бронзен медал во својата колекција, покрај оној во спуст на ЗОИ во Сочи 2014.
Големата фаворитка, Американката Микаела Шифрин, златната од Пјонгчанг 2018-та, излета од патеката уште во првото возење.
– Што се случи? Тешко е да се објасни што точно се случи. Никогаш нема да го преболам ова, но нема да плачам. Следуваат трки, ќе треба да се дефокусирам – разочарано рече Шифрин, која ќе настапи на уште најмалку три трки.
Разочарувачки настап имаше уште една фаворитка за медал, Петра Влхова од Словачка, која заврши 14-та!