Владата на Австралија, поточно министерот за имиграција, Алекс Хоук, во интерес на „јавното здравје“, му ја укина визата на Новак Ѓоковиќ, на тој начин продолжувајќи ја сагата на најдобриот светски тенисер во Мелбурн.
На оваа одлука, адвокатите на Ѓоковиќ веќе подготвиле жалба. Тие се надеваат дека ќе издејствуваат целата процедура да се одвива по скратена постапка, односно дека целиот процес би завршил до недела, што би значело дека Ѓоковиќ би можел да игра на Австралија опен, во случај повторно да го добие спорот.
Случајот би требало да биде вратен кај судијата Ентони Кели, кој му овозможи на Ѓоковиќ да влезе во Австралија, но постои можност судијата случајот да го проследи до Федералниот суд. Од оваа перспектива тешко е да се каже какви се изгледите на српскиот тенисер против Владата. Мислењата се поделени и во стручната јавност.
– Доколку не дојде до некаква грешка во правниот процес или доколку одлуката е неоснована, тогаш шансите на господинот Ѓоковиќ да ја обжали одлуката на министерот Хоук се многу мали – изјави професорката на Универзитетот во Нов Јужен Велс, д-р Џанина Бауи.
Од друга страна, експертот за имиграциски прашања, Абул Ризви, рекол дека не е чудно што министерот чекал толку долго за да ја донесе одлуката. Од овој потег тој извлекол два заклучока.
– Прво, ова е многу комплексно правно прашање. Второ, мислам дека Владата е загрижена од можноста дека господинот Ѓоковиќ ќе се жали и оти повторно ќе има судски процес. Загрижени се бидејќи е голема веројатноста судот повторно да пресуди против нив – рекол Ризви.