Компанијата „Мондо“, именувана по нејзиниот основач Едмондо Стропијана, почна со производство на гуми за велосипеди во повоена Италија, а се префрли на патеките за атлетика во 1972 година. Се вели дека патеката во Париз е нејзината најбрза досега, два отсто побрза од таа во Токио за ЛОИ 2020, пишува „Би-би-си“. Под пурпурот лежи гумена патека со два слоја, на пониското ниво има дел како саќе, каде што воздухот го апсорбира ударот од слетувањето на стапалото, а потоа го истиснува, враќајќи ја енергијата назад додека стапалото полетува
За обичниот набљудувач една атлетска патека веројатно изгледа како секоја друга, но на атлетските натпревари на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз тешко е да се пропушти виолетовата патека на стадионот „Стад де Франс“, пишува „Би-би-си“. Маурицио Стропијана, чија компанија ја направи патеката, вели дека ќе им помогне на луѓето „веднаш да ги препознаат“ Игрите во Париз. Беа потребни 10 недели за да се постави патеката по завршувањето на Светскиот куп во рагби во октомври лани.
Компанијата „Мондо“, именувана по нејзиниот основач Едмондо Стропијана, почна со производство на гуми за велосипеди во повоена Италија, а потоа се префрли на патеките за атлетика во 1972 година. Се вели дека патеката во Париз е нејзината најбрза досега, два отсто побрза од таа во Токио за ЛОИ 2020, пишува „Би-би-си“. Под пурпурот лежи гумена патека со два слоја. На пониското ниво има дел како саќе, каде што воздухот го апсорбира ударот од слетувањето на стапалото, а потоа го истиснува, враќајќи ја енергијата назад додека стапалото полетува, пишува „Би-би-си“.
Патеките поминаа долг пат откако сер Роџер Банистер ја истрча првата трка на една милја по четири минути на Универзитетот во Оксфорд во 1954 година. Тој рекорд беше поставен на патека што се сметаше за најдобра подлога во тоа време, направена од вулкански карпи исполнети со меурчиња од гас. За да се формира површината на патеката за трчање тие биле измешани со глина, тресет мов или пепел од запален јаглен, кои ја држеле површината заедно пишува „Би-би-си“. Тие постепено ги заменија земјата, тревата и дрвените површини за трчање во средината на 19 век. Новите патеки беа потешки и побрзи, но имаа еден голем недостаток.
– Ќе бевте покриени со нечистотија ако беше влажно. Секогаш беше забавно да се гледате себеси на крајот од сесијата – се сеќава Марија Мекембриџ, која се натпреваруваше на 5.000 метри на ЛОИ 2004.
На ЛОИ 1968 имаше полиуретанска патека „Тартан“. Иако не мораа да бидат побрзи, овие патеки се држеа подобро на дожд. Тие патеки уште се користат. ЛОИ 1976 беа првите што користеа гумена патека од „Мондо“.
– Патека мора да има контрадикторни својства. Значи, идеалната патека треба да биде и тврда и мека. Можете да трчате побрзо на бетон или на асфалт отколку песок на плажа. Но вие исто така удирате на патеката со сила трипати поголема од вашата телесна тежина, така што таа сила треба да се апсорбира или барем воопшто да не се врати – вели Жоао Бомфим, полимер хемичар од Луксембург, кој претходно раководеше со истражување и развој за „Мондо“.
Денешните патеки со највисоки перформанси може да се направат со користење полиуретан или гума, вели Тадг Саливан од ирскиот атлетски клуб Дандрум Јужен Даблин, кој инсталираше гумена патека „Мондо“ во 2022 година. Тој објаснува дека една голема разлика меѓу двете површини е начинот на кој се поставени, полиуретанските патеки се мешаат на самото место, а гумените површини се прават на парчиња во фабрика, а потоа се поставуваат на локацијата, пишува „Би-би-си“. Голем дел од развојот на патеките од доцните 1990-ти до денес вклучува и да се прават поеколошки. Патеката во Париз е составена од 50 проценти рециклирани материјали, вели Стропијана. Н.М.