Не знам дали е можно да се сонува за ваков резултат. Преголем е, предолг е, потребно е премногу. Отсекогаш сонував да возам добро во свиоци и да одам чекор по чекор и се обидувам денеска да бидам подобра отколку што бев вчера. И тој сон за мене е доволно голем, рече Шифрин по 100-та победа во Светскиот куп во алпско скијање, а на прашањето што ја инспирира, таа рече: „Генерално сум инспирирана од луѓе што многу добро ја работат својата работа. И тоа може да биде во сѐ“, пренесе ФИС

АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Микаела Шифрин (САД) додаде уште едно поглавје во својата легендарна кариера во неделата со победата во слаломот во Сестриере (Италија) за нејзин стоти триумф во Светскиот куп (СК) во алпско скијање.
– Не знам дали е можно да се сонува за ваков резултат. Преголем е, предолг е, потребно е премногу. Отсекогаш сонував да возам добро во свиоци и да одам чекор по чекор и се обидувам денеска да бидам подобра отколку што бев вчера. И тој сон за мене е доволно голем – рече Шифрин, а на прашањето што ја инспирира, таа рече: „Генерално сум инспирирана од луѓе што многу добро ја работат својата работа. И тоа може да биде во сѐ“, пренесе Интернационалната скијачка федерација (ФИС), која сподели дел од бројките зад стоте победи на Шифрин во Светскиот куп.

Кралицата на слаломот – и повеќе

Нејзиниот прв триумф во трка во Светскиот куп беше на 12 декември 2012 година во слалом во Оре (Шведска), кога имаше 17 години. Заклучно со победата во неделата таа има 63 победи во слалом, 22 во велеслалом, пет во супервелеслалом, четири во спуст, три во градски настан, две во паралелен слалом и една во алпска комбинација. Шифрин останува единствената алпска скијачка што победила во сите шест дисциплини во Светскиот куп, достигнување што го постигна во 2019 година.
Извонредни 63 од рекордните 100 победи во Светскиот куп на Шифрин се остварени во слалом. Само Ингемар Стенмарк (Шведска, 86 победи), Линдзи Вон (САД, 82) и Марсел Хиршер (Австрија/Холандија, 67) имаат повеќе победи во Светскиот куп во сите дисциплини заедно отколку што Шифрин победила само во слалом. Следниот најголем број победи во Светскиот куп во една дисциплина од кој било алпски скијач се 46-те триумфи на Стенмарк во велеслалом.
Доминацијата на Шифрин во слалом е таква што меѓу осумте алпски скијачи со 50 или повеќе победи во Светскиот куп, таа го има вториот највисок процент на победи во една дисциплина (63 отсто), само зад Алберто Томба (Италија, 70 проценти), исто така, во слалом.

Легенда меѓу легендите

Статистиката на Шифрин е неспоредлива, но нејзината статистика за стапка е еднакво импресивна. Со 100 победи на 278 старта во Светскиот куп, таа победува еднаш на 2,78 трки. Гледајќи ги осумте ѕвезди со барем 50 победи, стапката на Шифрин е рангирана на второто место, веднаш зад стапката на победи на Стенмарк, кој победуваше по секои 2,69 старта.
Кога станува збор за претворање на пласманите на подиум во победи, Шифрин е на врвот, бидејќи 64,52 насто од нејзините пласмани на подиум беа победи (на второ место е Вон со 59,85 проценти).
Шифрин со првото место на трката во неделата во Сестриере го израмни рекордот на Стенмарк во Светскиот куп со 155 пласмани меѓу првите три скијачи на една трка и ќе го престигне со нејзиниот следен таков резултат. Шифрин уште има само 29 години, а нејзините 100 победи пред да наполни 30 години се очигледно рекорд на сите времиња. На табелата со победи по 30-та година на алпските скијачи што имаат најмалку 50 триумфи води Вон со 23 победи, пишува ФИС. Н.М.