АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Микаела Шифрин (САД) ја обезбеди шестата титула во Светскиот куп во алпско скијање за жени, што е израмнет рекорд, откако се пласира пред Ема Ајхер (Германија) во последната трка сезонава, во велеслалом. На Шифрин ѝ требаше само да заврши меѓу првите 15 во велеслаломот. Шифрин го освои 11. место, а Ајхер, која требаше да победи и да се надева дека Шифрин нема да биде меѓу првите 15 за да ја освои својата прва титула, го освои 12. место, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Шифрин се изедначи со австриската великанка во спуст Анемари Мозер-Прел, која ги освои своите шест титули во 1970-тите години. Мозер-Прел освои пет титули по ред од 1971 до 1975 година, а потоа шеста во 1979 година, пишува АП. Шифрин освои три титули во низа од 2017 до 2019 година, а потоа и во 2022 и во 2023 година. Марсел Хиршер ја предводи машката листа со осум титули во генералниот пласман, пишува АП.
Сезонава Шифрин е прва, со 87 бода пред Ајхер. Ова беше уште една одлична сезона за Шифрин, која го освои третото олимписко злато во кариерата, во слаломот на Зимските олимписки игри годинава во Италија, како и малиот кристален глобус во слалом во Светскиот куп. Таа има рекордни 110 победи во сите дисциплини, најмногу во Светскиот куп. Ингемар Стенмарк е следен на таа листа, со 86 победи во 1970-тите и 1980-тите години, пишува АП. Н.М.
































