Во Загреб ќе бидат присутни и седум македонски помлади пионери и пионерки, кои ќе учествуваат на ЕЏУ Детскиот камп, во рамките на ЕП за сениори
ЏУДО
Македонскиот џудист Еди Шерифовски (во тежинската категорија до 81 кг), предводен од селекторот Горан Мицкоски, ќе настапи денеска како единствен македонски претставник на Европското првенство (ЕП) за сениори, кое се одржува во Загреб (Хрватска). На ЕП конкуренцијата ќе биде мошне силна, ќе настапат вкупно 437 натпреварувачи, од кои 187 во женска конкуренција, од 47 земји.
Во Загреб ќе бидат присутни и седум македонски помлади пионери и пионерки, Давид Спироски, Марија Китевска, Матеја Николоска, Виктор Стојаноски, Амар Бајрамоски, Марко Димитријоски и Хамида Друштинац, предводени од селекторот Игор Димитријоски, кои ќе учествуваат на ЕЏУ Детскиот камп, во рамките на ЕП за сениори.
– Целта е овие наши млади џудисти да се запознаат со европските шампиони, нивните идоли, да стекнат нови знаења, да почувствуваат како е да си на еден голем настан, а истовремено ќе имаат можност да тренираат со најдобрите џудисти во Европа, кои ќе бидат дел од тренинг-сесиите со младите џудисти од цела Европа – информираат од Џудо-федерацијата на Македонија.
За мажите ова е 73-то ЕП (првото беше во Париз во 1951 година), а за жените јубилејно 50-то. На него ќе настапат четири олимписки победници, 19 освојувачи на медали од летни олимписки игри, 17 светски прваци, 25 европски прваци, по двајца актуелни олимписки шампиони и шампионки, пет актуелни светски прваци и првенки, 18 освојувачи на медали од минатото светско првенство, седум актуелни европски прваци во двете конкуренции, 34 освојувачи на медали од минатото ЕП, седум џудисти и џудистки што моментално се први на светската ранг-листа, како и 51 џудист и џудистка од првите 10 во светот. Г.И.