Државното првенство за млади во класичен шах се одржа од 16 до 21 јуни во Струмица, при што, во согласност со пропозициите на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), се организираа натпревари во шест старосни категории. Како и секоја година, талентите што ја имаат поддршката од клубот и кои работат со најдобрите и најуспешни македонски шахисти и тренери, очекувано, повторно се враќаат со медали и признанија од своите настапи, информираат од ШК Алкалоид.
Меѓу девојките со златни медали се вратија Моника Жежовска (категорија до 18 години) и Илијана Велева (до 12 г.), а Исидора Лукановска (до 14 г.) освои сребрен медал. Во машка конкуренција беше понеизвесно, па така Давид Атанасовски беше едно од најпријатните изненадувања, оти по само една година тренирање стигна до златниот медал во категоријата до 10 години, но еднакво блескави беа и постигнувањата на Марко Стојановиќ (до 12 г.) и Никола Радоњанин (до 16 г.), кои ги освоија трофеите во својата конкуренција. Новиот член на клубот Никола Павлески дебитира за ШК Алкалоид со освојување на второто место во конкуренцијата до 18 години. Сребро освои и Лука Симоновски (до 12 г.), а Васил Иванов (до 10 г.) и Андреј Божиновски (до 14 г.) се закитија со бронзи.
– Ние како тренери сме задоволни од она што го прикажаа нашите младинци. Не би одел во детали, туку би рекол само „браво, шампиони“! Сите се трудеа да го дадат својот максимум и во фајтерски стил се носеа со конкуренцијата, онака како што прилега кога се бранат боите на ШК Алкалоид. Радува фактот што имаме титули и кај момчињата и кај девојчињата затоа што тоа е показател дека се стремиме кон успеси во двете конкуренции. Некои се потврдија како фаворити, а некои што не беа меѓу првите тројца носители пријатно изненадија. Како тренери сме презадоволни од она што го видовме и ќе продолжиме да ги трасираме патиштата на идните македонски шаховски шампиони преку континуирана работа – изјави ИМ Дејан Стојановски.
Според календарот на Европската шаховска унија, младинските европски првенства за 2025 година во стандарден шах ќе се играат во октомври во Будва (Црна Гора), а континенталниот собир на млади играчи во забрзан и во брз шах е закажан за 4 август во Солун (Грција), информираат од ШК Алкалоид. Г.И.