ГЛОБАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ФИДЕ ЗА ШАХ ВО ОПШТЕСТВОТО И ВО ОБРАЗОВАНИЕТО
- Шахот е алатка за јакнење, вклучување, едукација и за трансформирање на заедниците низ светот. По успехот на „Годината на социјалниот шах“ на ФИДЕ, 2026 година ќе се фокусира на професионализација и глобално вградување на социјалниот шах како мерлива рамка за социјално влијание базирана на докази, рече Фогтлин, претседател на Комисијата на ФИДЕ за социјален шах
Глобалната конференција на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за шах во општеството и во образованието се одржа на Универзитетот КИИТ во Бубанесвар (Индија), собирајќи образовни лидери, истражувачи, практичари со социјално влијание и шаховски организатори на тридневна програма, која го означи и почетокот на „Годината на шахот во образованието“, пишува ФИДЕ. За време на воведната сесија, модераторот ја истакна улогата на Институтот за индустриска технологија Калинга (КИИТ) како домаќин на конференцијата и долгогодишен центар за шаховски и образовни иницијативи. КИИТ организира меѓународни шаховски фестивали повеќе од 18 години. Институцијата произведе 46 меѓународни шахисти и е домаќин на повеќе од 30 меѓународни настани, вклучувајќи ги и светски првенства за јуниори.
ШАХОТ КАКО АЛАТКА ЗА ЈАКНЕЊЕ И ЗА ПРОШИРЕНИ НАЧИНИ НА РАЗМИСЛУВАЊЕ
Андре Фогтлин, претседател на Комисијата на ФИДЕ за социјален шах, ја отвори програмата на конференцијата. Тој ги истакна водечките кампањи во текот на годината, вклучувајќи месечен ритам на тематски иницијативи, како и турнирот „Секој потег е важен“, организиран со „Личес“, кој привлече 20.078 играчи од светот.
– Шахот е повеќе од игра. Тој е алатка за јакнење, вклучување, едукација и за трансформирање на заедниците низ светот. По успехот на „Годината на социјалниот шах“ на ФИДЕ, 2026 година ќе се фокусира на професионализација и глобално вградување на социјалниот шах како мерлива рамка за социјално влијание базирана на докази – рече Фогтлин.
Дана Рејзние, заменик-претседателка на Управниот одбор на ФИДЕ, меѓу другото истакна дека „образованието е претворање на огледала во прозорец“, поврзувајќи ја идејата со мисијата на ФИДЕ за користење на шахот како алатка за јакнење и проширени начини на размислување. Таа нагласи дека целта на шахот во училиштата оди подалеку од перформансите, истакнувајќи дека „шахот во образованието не е за создавање шампиони. Станува збор за создавање подобри мислители, подобри ученици и посигурни млади луѓе што се подготвени да донесуваат одлуки и да преземат одговорност“, пренесе ФИДЕ.
Велемајсторот (ВМ) Вишванатан Ананд нагласи дека шахот во образованието „не е за да создава професионални играчи“, туку за да им помогне на учениците „да научат навики што ги подобруваат перформансите на час“, посочувајќи на фокусот, дисциплината и донесувањето одлуки како вештини што се пренесуваат надвор од таблата. Претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, говореше на темата „Геополитика на еден свет што се менува: Балансирање на соработката и конкуренцијата во 21 век“. Користејќи го шахот како илустративна леќа, тој објасни дека моделите во шаховскиот свет често ги одразуваат пошироките економски и социјални реалности.
– Ги почнувам моите предавања нормално со една слика за шахот и моменталните рејтинзи на врвните играчи. Она што го покажува е кои земји доминираат во шаховскиот свет. И тоа не е случајно. Постои одредена корелација помеѓу економската и шаховската моќ – рече Дворкович, кој зборуваше и дека различните шаховски култури произлегуваат од различни образовни системи, можности и пристапи кон развој на таленти, тврдејќи дека образованието останува една од ретките сили што се способни да поттикнат соработка заедно со конкуренцијата во поделениот свет, пишува ФИДЕ.
УЛОГАТА НА УЧИЛИШНИТЕ НАТПРЕВАРИ
Заменик-претседателката на УО на ФИДЕ, Дана Рејзние, ги истакна целите на „Годината на шахот во образованието“ во 2026 година, фокусирајќи се на зајакнување на соработката со образовните власти, поддршка на наставниците и обезбедување дека шаховските програми се испорачуваат со конзистентен квалитет низ регионите, пишува ФИДЕ. Посебен акцент беше ставен на пристапите засновани на докази што овозможуваат иницијативите за шах во образованието да бидат евалуирани, рафинирани… Модераторот на настанот Џери Неш, пак, се осврна на управувањето, дизајнот на програмата и централната улога на наставниците, истакнувајќи ја потребата од јасни методологии, патеки за обука и достапни ресурси за поддршка на ефективното спроведување на наставата во училница. Улогата на училишните натпревари ја истражи Надзеја Краучук, директорка за меѓународни односи во Меѓународната федерација за шах во училишта, преку презентација за тимските светски првенства во училиштата. Таа објасни како структурираните училишни турнири можат да ги мотивираат учениците, да ја поддржат тимската работа и да создадат меѓународни врски, додека остануваат цврсто вкоренети во образовна рамка, а не во елитни натпреварувачки патеки, пишува ФИДЕ. Г.И.
































