Со стабилизација на финансиската состојба, која не е лесно решлива, ќе се решат најголемиот дел од работите. Имаме план и начин како да го направиме тоа, вели Мерџаноски

ИНТЕРВЈУ: ВОИСЛАВ МЕРЏАНОСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ШАХОВСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Воислав Мерџаноски, новиот претседател на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), дојде на оваа функција на 19 април годинава, а по предвремената оставка на претходниот претседател Саша Богдановиќ, кој на оваа функција беше од февруари 2022 година. На Вонредното изборно собрание одржано во Скопје, на кое присуствуваа 30 делегати на клубови со право на глас, Мерџаноски доби 18 гласа, додека неговиот противкандидат Оливер Деркоски 12. Мерџаноски е дипломиран инженер по шумарство, вработен како инспектор во Министерството за внатрешни работи (МВР). ФИДЕ-судија, член на УО на ШФМ и истакнат шаховски работник. Бил младински шаховски првак на Гостивар во 1983, а од 2021 е и претседател на ШК Гостивар.
Со шах се занимава повеќе од пет децении и бил натпреварувач во неколку циклуси. Во последниве години е ангажиран на полето на популаризација на шахот меѓу најмладите. Мерџаноски со години е меѓународен шаховски судија и учествувал на значајни шаховски манифестации, првенства, олимпијади и други натпревари. Сега е пред нов предизвик.

Коja беше главната идеја да се кандидиратe за оваа одговорна функција во македонскиот шах?
– Унапредување на шахот во Македонија, пред сѐ развој кај младата популација затоа што само на тој начин ќе создадеме подобра иднина и подобро општество.
Кои се вашите приоритети во текот на Вашиот мандат и може ли сите тие (на пример, турнири и домашни првенства, отворање шаховски дом во Скопје, репрезентативни и индивидуални подготовки, настапи на македонски шахисти, шаховски кампови и слично) да се реализираат?
– Целите се дадени во мојата програма претставена пред Собранието на ШФМ. Би го издвоил продолжувањето со поголемо темпо на проектот „Шах во училиштата“, како и решавањето на финансиските проблеми во ШФМ. Се разбира дека репрезентативниот шах секогаш има врвен приоритет, како и подготовките за големите настани, но истовремено и организирање шаховски кампови со видни имиња за поширокиот состав на македонски репрезентативци, момчиња и девојчиња.
Што треба да се стори за шахот да биде уште попопуларен кај нас отколку сега, како да се привлечат што повеќе млади да играат шах, освен преку училиштата и како уште повеќе да напредуваат во нивната понатамошна шаховска кариера?
– Секако тука е клучна медиумската соработка. Во преговори сме со неколку телевизии за редовна емисија за шахот, по урнекот на тоа како што се прави во Хрватска со велемајсторот Алојзие Јанковиќ.
Според Вас, кој е најголемиот проблем што ШФМ треба да го реши во моментов?
– Во моментот секако дека треба да се стабилизира финансиската ситуација во ШФМ како врвен приоритет, за што ќе се преземат сериозни чекори во таа насока со традиционалните спонзори на ШФМ и потпишување договори со нови спонзори.
ШФМ често е изложена на критики на поединци и одредени шахисти, кои не се задоволни од работата и транспарентноста на федерацијата. Како го коментирате тоа?
– Реков претходно дека со стабилизација на финансиската состојба, која не е лесно решлива, ќе се решат најголемиот дел од работите. Имаме план и начин како да го направиме тоа. Имам огромна поддршка од повеќе од две третини од клубовите низ нашата земја потврдена на последното Собрание на ШФМ и верувам дека со поголема транспарентност и залагање на сите поединци од УО, ШФМ ќе продолжи да оди напред со зголемено темпо. Впрочем, ШФМ и покрај сите проблеми, има зголемен број членови, играчи, деца и клубови и се вбројува во федерациите во Македонија, по фудбалот, со најголем број активни клубови што настапуваат во системот на натпревари, како екипно така и поединечно.
Дали е потешко да се игра шах или да се суди на шаховски турнир?
– Играњето шах секогаш е задоволство, но за постигнување големи успеси потребни се огромен труд и залагање. Од друга страна, пак, судењето има посебна тежина и пред сѐ одговорност.
Како би ја дефинирале Вие шаховската игра?
– Шахот е пред сѐ вонсериска игра, спорт што многумина го споредуваат со уметност и наука. Од друга страна е и прекрасна алатка да се допре до младите личности во мала возраст и да се искористи како алатка во нивниот развој за да станат подобри и како ученици, а подоцна и успешни во работата.
Дали и колку играте шах во слободно време, за кој шахист навивате, а кого го сметате за најсилен во досегашната историја?
– Често играм шах на онлајн платформите како „Чес“ или „Личес“. Секако дека Карлсен е најсилниот играч на сите времиња што впрочем го покажува и неговиот играчки рејтинг.
Скопје во 1972 година беше домаќин на 20. ШО, за многумина и најдобро организирана досега. Може ли во скоро време Македонија повторно да биде домаќин на ШО и кој е најголем проблем за нејзина реализација?
– Ние во ШФМ никогаш не сме престанале да размислуваме на оваа тема. Можности и организациски капацитети постојат, но секако дека најголем проблем се финансиските средства, а зад еден ваков грандиозен проект, кој се подготвува со години, мора да застане и Владата на Македонија.
Има ли иднина во последно време сѐ попопуларниот Фишерв или слободен шах и дали сметате дека тоа е најреалниот начин да се види силината на еден шахист, надвор од подготвената теорија?
– Секако дека сѐ популарниот Фишеров шах има голема иднина, впрочем светскиот првак Карлсен е најголемиот поборник на овој вид шах. Нашата посветеност се гледа и во тоа што минатата година ние го организиравме првото Европско првенство во Фишеров шах, со што Македонија и градот Скопје ќе останат во аналите на светскиот шах како прв официјален организатор на ЕП во овој вид шах.