Љубица беше една од првите што го промовираше спортот кај женската младина по Втората светска војна. Нејзиниот татко Нестор беше еден од последните резбари од познатата Дебарско-мијачка копаничарска школа. Нејзиниот брат Миле ја продолжи рeзбарската традиција, а беше спортист и познат пливачки тренер
Љубица Алексиева (1)
Со семејството Алексиеви се сврзани многу работи карактеристични за ова наше македонското подрачје. Главата на семејството, таткото Нестор, беше еден од најпознатите резбари, кој всушност ја продолжи традицијата на Дебарско-мијачката резбарска школа, ќерката Љубица беше една од најпознатите и најсестрани македонски спортистки по Втората светска војна, а синот Миле ја продолжи семејната резбарска традиција. Миле-Сирма беше и спортист, пливач, ватерполист, а потоа и тренер. Мајката, пак, Сирма, која беше цврста и неустрашлива жена, полна со енергија, уште кога бев дете слушнав оти токму поради тие нејзини особини ја нарекуваа Сирма војвода. Сите овие личности, по овој почетен опис, очигледно покажуваат дека се работеше за едно семејство, кое имаше посебно место во скопското живеење и беше едно од најпознатите, најсимпатичните и најпочитуваните.
Овој пат ќе пишувам за едната од двете ќерки на Нестор и Сирма, Љубица, која уште како девојче ги покажувала своите афинитети кон спортот. Нејзиниот ведар дух, онака секогаш насмеана и расположена, го оцртуваше и нејзиниот карактер. Таа, со еден збор, како да беше родена да стане спортистка. И навистина беше така. Љубица уште од пионерските денови се посвети на спортот и целиот живот остана во него, прво како активна спортистка во повеќе спортови, а потоа и како професорка по физичко воспитување, која работниот век пред пензионирањето го заврши во познатата скопска гимназија „Орце Николов“.
Преку овој напис, посветен на големата спортистка и омилена професорка, иако е упокоена во 2020 година, многу нејзини ученици ќе се потсетат на неа и сигурно ќе речат „да таква беше, секогаш ведра, расположена и подготвена за шега, но кога беше потребно знаеше да биде строга, и тоа само со една намера, за да ги насочи своите ученици на правилниот пат по кој ќе треба да чекорат во животот“.
Победничка на средношколскиот крос
За да ја прикажам Љубица Алексиева во вистинското светло, иако не е меѓу живите, ќе користам нејзини кажувања од емисијата посветена на македонските спортски легенди, која ја снимив со неа во 2010 година. Впрочем, на ваков начин, за да се сфати за какви личности се работи и што било она што ги привлекло во спортот, ги претставував и другите легендарни личности, кои веќе не се меѓу нас. Тоа го правам од едноставна причина, преку нивниот збор да го прикажам што посликовито животот кога тие биле спортски sвезди.
– Во раната младост, уште кога бев ученичка во основното училиште, почнав да спортувам. Во тоа време, по Втората светска војна, во наставата по физичко воспитување централно место имаше атлетиката, посебно кросовите, кои беа убава можност за секој од нас да ги манифестира своите физички способности. Јас, пак, која уште од мали нозе постојано трчав во дворот од семејната куќа, во која беше и големата работилница на татко ми, па како што се вели, сето детство го поминав во трчање. Едноставно не можев да мирувам, бев темпераментна и постојано во движење. Сето тоа сигурно придонесе да бидам цврста и издржлива, што се покажа уште на мојата прва крос-трка во Градскиот парк во Скопје, кога на средношколскиот училиштен крос го освоив првото место. Тука веќе се виде каков ќе биде мојот пат низ животот. Стана јасно оти нема да се разделам од спортот – со насмевка на лицето ми велеше во емисијата Љубица.
Веќе во првите повоени години таа стана атлетичарка на која ѝ беше отворен патот за учество и на сојузните натпревари.
– Истата година како членка на АК Вардар, заедно со познатиот тркач на долги патеки Мемо Сулејманов, кој во тоа време имаше огромна популарност меѓу љубителите на спортот, учествував на младинското првенство на Југославија во Суботица. Таму во трката на 800 метри го освоив второто место, што претставуваше голем успех. И кога сите мислеа оти ќе се определам за трките на средни патеки, јас поради потребите на клубот настапував и во други дисциплини. Така, на еден сојузен натпревар бев трета и во фрлање ѓуле – велеше таа.
Корисно искуство од Љубљана
Кога се очекуваше Љубица и понатаму да настапува на атлетските натпревари, неа ја снема од сцената. Многумина што ја следеа атлетиката се прашуваа каде е она девојче, кое со голема леснотија победуваше во трките. Меѓутоа, по извесно време се проширила веста и сите дознале оти тоа девојче заминало на школување во Љубљана.
– На сите им падна чудно зошто повеќе ме нема на патеката. Но не беше така, вистината беше поинаква. Имено, мојот татко, кој веќе две години работеше на иконостасот во црквата „Свети Јован“ во Љубљана, ме повлече и мене таму и ме запиша во Средното фискултурно училиште. Така, заминав во Словенија, каде што продолжив со моите спортски активности. Таму почнав да играм и голем ракомет во екипата на ХАШК (подоцна Олимпија), кој во поранешна Југославија во повоените години беше многу популарен. Морам да кажам оти овој спорт беше исклучително напорен и бараше голема издржливост, зашто се играше на фудбалски терен и бараше многу трчање. Но мене тоа не ми претставуваше проблем. Така, покрај атлетиката почнав да го практикувам и овој спорт, а неретко се случуваше да заиграм и фудбал со машките – со насмевка на лицето Љубица ми раскажуваше за деновите и годините поминати во Љубљана, за на крајот да констатира оти престојот таму од сите аспекти за неа претставувал едно големо животно искуство.
По завршување на Фискултурното училиште, таа се враќа во Скопје и тука продолжува со спортските активности. Љубљанското искуство, како што знаеше често да каже, многу ѝ помогнало во понатамошната работа, не само како професорка по физичко воспитување туку воопшто во животот.
Меѓу првите ракометарки
Токму во периодот кога се враќа од Љубљана, на поранешните југословенски простори со голема брзина почнува да се развива малиот ракомет, кој брзо го фрли во сенка големиот ракомет. Причината за ова беше едноставна, за него не беше потребен терен како фудбалскиот, туку игралиште со многу помали димензии, кое можеше да се лоцира и во училишните дворови.
– Од тие причини малиот ракомет стана многу попривлечен. Набрзо овој спорт се најде и во наставната програма, па така, почна да се игра насекаде. Во Скопје, во тоа време имаше неколку игралишта. Едно беше покрај фудбалскиот терен на Работнички. Тоа имаше и трибини и можеше да собере повеќе од 1.000 гледачи. Со мали трибини од два-три реда имаше игралиште и во Воениот спортски полигон во Градскиот парк, а често за играње натпревари се користеше и просторот зад еден од головите на Градскиот стадион, бидејќи таму имаше добро набиена црвеница (шљака), па топката можеше лесно да се контролира дури и кога врнеше. Имаше уште два терена, еден во дворот на гимназијата „Јосип Броз-Тито“ и уште еден во дворот на популарниот Партизан 1, спроти машката гимназија „Цветан Димов“. Овие терени во почетокот од 50-тите години од минатиот век, кога впрочем почна да се игра малиот ракомет, чиј основоположник во Македонија беше сестраниот спортист и професор Славко Матовски, ги задоволуваа потребите. Подоцна се изградија ракометни игралишта речиси во секој училиштен двор, а и во населби, како, на пример, Мичурин и Пролет – велеше во емисијата Алексиева.
На Љубица Алексиева, која уште во Љубљана почна да се занимава со големиот ракомет, не ѝ беше тешко кога се врати дома да почне да игра и мал ракомет. Така, таа со една група млади девојки беше меѓу првите македонски ракометарки, кои дадоа голем импулс за популаризацијата на овој спорт меѓу женската младина.
– Во времето кога почна да се развива малиот ракомет, покрај мене со овој спорт се вклучија и други девојки, меѓу кои најекспонирани беа Патрногиќ, Смиља, Симиќ-Цука, која беше одличен голман, потоа Марија Бежановска, Олгица, Јоана и уште неколку девојки, кои дадоа голем придонес за популаризацијата на „новиот“ спорт. Тие беа првите што ги анимираа и другите активно да се вклучат во ракометот, во кој потоа дојдоа и многу девојки, кои дотогаш се занимаваа со кошарката. Во секој случај тоа беше едно интересно и убаво време, исполнето со многу спортска возбуда – велеше Алексиева.
Кариерата на Љубица Алексиева откако се врати од Љубљана во Скопје одеше во повеќе насоки. Меѓутоа, се чини оти од сето тоа што го работеше најмногу ја привлекуваше педагошката работа, во која стана омилен професор меѓу своите ученици. За понатамошните доживувања и спортски успеси на Љубица, како и за дел од кариерата на нејзиниот брат Миле, ќе читате идната недела.
Љубица Алексиева
Родена: во Скопје во 1932 година, почина во родниот град во 2020 година
Кариера: атлетска шампионка на Македонија во повеќе дисциплини, второ место во Југославија меѓу младинките на 800 м, трето место во фрлање ѓуле, сестрана спортистка, една од првите македонски ракометарки, врвен педагог, професорка по физичко воспитување и меѓународна атлетска судијка